Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави прекинот на огнот на Блискиот Исток
- Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го поздрави договорениот двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран повикувајќи ги сите страни да работат на долгорочен мир на Блискиот Исток.
Њујорк, 8 април 2026 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го поздрави договорениот двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран повикувајќи ги сите страни да работат на долгорочен мир на Блискиот Исток.
„Генералниот секретар ја поздравува објавата за двонеделен прекин на огнот од страна на Соединетите Американски Држави и Иран“, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик.
Дижарик додаде дека генералниот секретар „ги повикува сите страни во тековниот конфликт на Блискиот Исток да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и да се придржуваат кон условите на прекинот на огнот со цел да се отвори пат кон траен и сеопфатен мир во регионот“.
Гутереш исто така изразил „искрена благодарност за напорите на Пакистан и други земји во овозможувањето на прекинот на огнот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека по разговорите со пакистанското раководство, се согласил да се воспостави прекин на огнот меѓу САД и Иран во период од две недели.
Набргу по објавата на Трамп дека е постигнат двонеделен договор за прекин на огнот, иранските власти потврдија дека договорот е постигнат наведувајќи дека вклучува „континуирана иранска контрола врз Ормуската Теснина“. аб/сд
фото/МИА архива