• понеделник, 23 декември 2024

Гутереш: Живееме во хаотичен свет во кој секој смета дека може да прави што сака 

Гутереш: Живееме во хаотичен свет во кој секој смета дека може да прави што сака 

Брисел, 21 март 2024 (МИА) - Живееме во хаотичен свет со суперсили кои се во судир една со друга и во кој поради постоењето на неказнивост секоја земја или вооружена група смета дека може да прави што сака, порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш при пристигнувањето на Самитот на ЕУ во придружба на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.  

- Кога живееме во хаотичен свет многу е важно да се придржуваме до принципите. А принципите се јасни – почитување на Повелбата на ОН, на меѓународното право, на територијалниот интегритет на земјите и на меѓународното хуманитарно право, рече Гутереш.

Затоа, според него, од суштинска важност е да се постигне мир во Украина, кој ќе се базира на овие принципи. 

- Од истите причини веруваме дека е потребен е и прекин на огнот во Газа. Како што ги осудуваме терористичките напади на 7 октомври и како што ги осудуваме другите прекршувања на меѓународното хуманитарно право од страна на Хамас, го осудуваме и фактот дека сме сведоци на голем број цивилни жртви во Газа, што е без преседан за време на мојот мандат како генерален секретар, изјави Гутереш. 

Тој нагласи дека основен принцип на меѓународното хуманитарно право е заштитата на цивилите. 

- Мора да се држиме до принципите, како во Украина, така и во Газа, без двојни стандарди, заклучи генералниот секретар на ОН, додавајќи дека затоа мора да се зајакнат институциите на мултилатерализмот. 

Мишел, од своја страна, му се заблагодари на Гутереш за неговото водство и за придонесот во подготовката на самитот за иднината.

- ЕУ може да помогне во изградбата на свет базиран на принципи и затоа мора да видиме како можеме да ги зајакнеме врските за соработка со ОН, додаде Мишел.

Спорд него, соработката меѓу ЕУ и ОН е клучна во услови кога светот се соочува со сериозни предизвици, закани од климатските промени, радикални дигитални трансформации, конфликти, предизвици за свет заснован на правила и кршење на Повелбата на Обединетите нации. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан