Во Њујорк започнува генералната дебата на 79. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации
- Во Њујорк денеска почнува генералната дебата на 79. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, каде ќе се соберат повеќе од 140 светски лидери и претставници на држави.
Њујорк, 24 септември 2024 (МИА) - Во Њујорк денеска почнува генералната дебата на 79. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, каде ќе се соберат повеќе од 140 светски лидери и претставници на држави.
Генералната дебата започнува во 9:00 часот по американско време, односно во 15 часот по средноевропско време.
Дебатата ќе ја отвори генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а потоа според утврдениот редослед прв ќе се обрати претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, втор на листата на говорници е американскиот претседател Џо Бајден, а трет е претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Пред учесниците ќе се обратат претседателите на Швајцарија, Колумбија, Јужна Африка, Литванија, Гватемала, Малдиви, Таџикистан, Сиера Леоне, Ангола, како и емирот на Катар и кралот на Јордан.
Генералната дебата е дел од сесијата на Генералното собрание на ОН и се одржува на почетокот на секоја редовна сесија во септември.
Најавено е дека годинашнава тема ќе биде заедничка акција за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации, но секој говорник може да претстави тема која ја смета за особено важна.
Седницата на Генералното собрание на ОН се смета за еден од најголемите дипломатски настани во светот, а оваа година се одржува во сенка на растечките кризи, конфликти и војни ширум светот.
Меѓу темите на дебатата ќе бидат и војните во Газа, Судан, како и зголемената можност за ескалација на војната на Блискиот исток, а многу светски лидери ќе зборуваат и за конфликтот во Украина.
Во четврток наутро треба да зборува палестинскиот претседател Махмуд Абас, а в четврток попладне израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски е закажан за утре, додека ставот на Русија ќе го изнесе шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во сабота.
За лидерите на малите островски земји и другите кои се погодени од климатските промени тема ќе биде и борбата против глобалното затоплување.
За секој учесник во општата дебата се предвидени по 15 минути за презентација.
Генералната дебата ќе трае до понеделник, 30 септември. паг/