• сабота, 16 ноември 2024

Грчки медиуми: Рафинериите на Грција и Саудиска Арабија постигнале првичен договор за дополнително снабдување со сурова нафта

Грчки медиуми: Рафинериите на Грција и Саудиска Арабија постигнале првичен договор за дополнително снабдување со сурова нафта
Атина, 16 март 2022 (МИА) – Првичен договор, Грција да добива дополнителни резерви на сурова нафта од Саудиска Арабија, постигнале рафинериите од двете земји ЕЛПЕ и Арамко, објавија грчките медиуми. Како што јави дописничката на МИА од Атина, медиумите во Грција пишуваат дека првичниот договор бил постигнат за време на првиот бизнис форум меѓу двете земји одржан во Ријад, а финализирањето се очекува во следните седмици. Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека конкретниот потег, меѓу другото „ќе ја пополни енергетската празнина создадена со ембаргото кон Русија“, додека пак „Икономикос тахидромос“ објави дека за ова прашање станало збор и на средбата на министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Салман Ал Сауд и министерот за развој на Грција Адонис Георгиадис. Бизнис делегација и министри од грчката Влада, во организација на Министерството за надворешни работи на Грција од 12. до 14 март беа во Саудиска Арабија каде што имаа низа средби и контакти, а се одржа и првиот бизнис форум меѓу двете земји. Грчката делегација, во која беа и 55 високи претставници од 43 грчки компании, ја предводеше заменикот МНР задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис, кој по враќањето во Атина изрази задоволство од билатералните односи со Саудиска Арабија, „со која постојат силни, историски и културни врски“ и истакна дека во мај Грција ќе ја посетат инвеститори и бизнисмени од Саудиска Арабија. ср/паг/

Остани поврзан