• петок, 08 ноември 2024

Грчките камионџии реагираат за новите мерки на граничните премини со Северна Македонија и Албанија

Грчките камионџии реагираат за новите мерки на граничните премини со Северна Македонија и Албанија
Атина, 3 март 2021 (МИА) – Новите дополнителни и построги мерки на грчката Влада воведени во понеделникот за граничните премини Евзони кон Северна Македонија и Какавиа кон Албанија, што важат и за транспортерите, предизвикаа реакции од Федерацијата на грчките камионџии, кои испратија писмо до надлежните министерства со предлози и барања, но и не ја исклучуваат можноста да постават блокада на Евзони, јави дописничката на МИА од Атина. Задолжителниот рапид тест при влезот во Грција, ограничениот број на 400 преминувања дневно, работното време од 7 до 19 часот, како и задолжителното пополнување на формуларот PLF (Passenger Locator Form) од завчера важат и за транспортерите, кои преку соопштение велат дека „бескрајното и без логика воведување рестриктивни мерки на копнените граници на земјата, сѐ повеќе негативно влијаат на непреченото функционирање на синџирот за снабдување“. Од Федерацијата објаснуваат дека во понеделникот, поради ограничениот број дозволени преминувања, при пријавувањето преку PLF формуларот, биле пополнети сите термини за влез во Грција до 20 март. Истакнуваат дека преку граничниот премин Евзони (Богородица), просечно поминуваат по 2.000 камиони дневно, а проблемите започнале уште од минатата седмица, кога поради тестирањето со брзите тестови, при влезот во Грција од Северна Македонија и Бугарија имало километарски редици. -Возачите на меѓународен транспорт, како и секоја компанија што работи во Европа и на Балканот и се базира на меѓународна трговија, се соочуваат со последиците од оваа своеволна рестриктивна мерка, која важи за сите, а не се исклучени камионите, вели претседателот на Управниот одбор на Федерацијата на грчки камионџии Апостолос Кенанидис. Паралелно, од Федерацијата испратија писмо до Министерството за транспорт и врски и Министерството за развој на Грција, во кое ги објаснуваат проблемите со кои што се соочуваат и доставуваат нивни предлози. Бараат Евзони и Какавиа, за транспортерите, да бидат отворени 24 часа, камионџиите да бидат исклучени од ограничениот број лица за влез во Грција, но и да има дополнителен персонал од Националната организација за јавно здравје кои ги вршат брзите тестови, за да се забрза целата процедура. -Веќе сме информирани од нашите колеги од другите балкански земји за протесните активности што се поднесени за мерките на Грција, а во случај да не се донесат итни решенија, би сакале да ве информираме дека грчките камионџии се подготвени веднаш да се мобилизираат со затворање на границите, пишуваат во писмото до надлежните Министерства, а во нивното соопштение велат дека почетокот на нивните активности ќе биде блокада на граничниот премин Евзони. Според „Етнос“, камионџиите биле известени од надлежните дека ќе бидат ослободени од мерката за дневниот дозволен број, но весникот додава дека не се откажуваат од активностите сѐ додека не се промени одлуката, граничниот премин да работи само 12 часа. ср/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан