Грчките земјоделци денеска ќе одлучат дали ќе продолжат со протестите и блокадите или ќе се повлечат
- По вчерашната четиричасовна средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, земјоделците попладнево на состаноци на блоковите ќе го разгледаат исходот од разговорите и ќе донесат одлука дали ќе продолжат со протестите и блокадите, кои траат веќе 52 дена, или ќе се повлечат, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 20 јануари 2026 (МИА) – По вчерашната четиричасовна средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, земјоделците попладнево на состаноци на блоковите ќе го разгледаат исходот од разговорите и ќе донесат одлука дали ќе продолжат со протестите и блокадите, кои траат веќе 52 дена, или ќе се повлечат, јави дописничката на МИА од Атина.
Првичната реакција на земјоделците што присуствуваа на средбата со Мицотакис беше дека не се многу задоволни од дискусијата.
Меѓу блоковите што во текот на денешниот ден ќе одлучуваат за следните чекори се и земјоделците на граничниот премин Евзони, кои од 1 декември ги имаат паркирано своите трактори на грчката страна и повремено го блокираа сообраќајот за сите возила.
Во исчекување на денешните одлуки граничните премини и патиштата остануваат отворени.
Грчкиот премиер, синоќа, кусо по средбата со земјоделците, учествуваше на конференција на која се осврна и на протестите и на блокадите и изрази умерен оптимизам, но и подготвеност да се справи со секоја ситуација.
- Сакам да верувам дека ќе надвладее логиката. Ќе одржат состаноци, а мислам дека и општеството е веќе исцрпено од овие 50 дена протести. Со останувањето на блокадите нема да добијат ништо повеќе. Мислам дека ова е нешто што и самите го имаат сфатено. Јас сум умерено оптимист, но и подготвен да се справам со секоја друга ситуација - посочи Мицотакис.
На состанокот во премиерската палата вчера присуствуваше делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи одредени од земјоделците од 62 блока од цела Грција, а ставот на владата е дека веќе се преземени иницијативи за прашањата што земјоделците континуирано ги иницираат, но и дека не постои дополнителен простор за нови мерки за поддршка.
Протестите на земјоделците почнаа на 30 ноември со блокади на автопатишта, патишта, гранични премини, а тракторите и понатаму се на улица, паркирани во една коловозна лента.
Грчкиот премиер минатиот вторник се сретна со претставници на 18-ина земјоделски блокови од целата земја, односно со оние што уште од минатиот месец се одвоија од другите земјоделци и побараа дијалог со владата, а во текот на вчерашниот ден ги повлекоа тракторите од патиштата. ср/јт/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер