• среда, 27 ноември 2024

Грција ќе преземе построги полициски мерки за справување со сообраќајните несреќи на криумчарите со мигранти

Грција ќе преземе построги полициски мерки за справување со сообраќајните несреќи на криумчарите со мигранти

Атина, 1 август 2023 (МИА) – Преземање дополнителни построги полициски мерки за справување со зголемениот број сообраќајни несреќи со возила на криумчари со мигранти, кои го прекршуваат законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во североисточниот дел на Грција, била темата на состанокот што го свикал новиот министер за заштита на граѓаните, надлежен за полицијата Јанис Иконому, јави дописничката на МИА од Атина. 

Сообраќајните несреќи се случуваат на автопатот Егнатија, откако возила на криумчари со мигранти влегуваат на грчка територија од копнената граница со Турција, а доста често возат во спртивна насока или со голема брзина. 

Од надлежното грчко Министерство соопштија дека на состанокот било одлучено да се интензивира надзорот на грчката полиција, да се достават предлози до компанијата одговорна за автопатот, а ќе се разгледа и „секое друго соодветно средство за техничка интервенција. во рамките на актуелното законодавство“.

-Строгите безбедносни мерки што се применуваат на границите за справување со нелегалниот влез на мигранти во земјата, ги натераа криумчарите да усвојат нови практики, како што се движење по споредни патишта или дури и возење во спротивна насока на автопатот Егнатиа, со што ги ставаат во опасност животите на возачите и патниците во возилата, соопштија од Министерството за заштита на граѓаните на Грција. 

На состанокот учествувале и заменик-министерот за инфраструктура и транспорт, заменик- префектот на областа Еврос, пратеници од Еврос, градоначалникот на Александруполи, началникот на грчката полиција како и претставник од компанијата надлежна за автопатот Егнатија. ср/сд/

Остани поврзан