• петок, 08 ноември 2024

Грција испраќа транспортен авион во Либан за евакуација на грчки и кипарски државјани - во Атина зголемени безбедносни мерки

Грција испраќа транспортен авион во Либан за евакуација на грчки и кипарски државјани - во Атина зголемени безбедносни мерки

Атина, 3 октомври 2024 (МИА) – Околу 60 лица, грчки и кипарски државјани се очекува да бидат евакуирани со транспортен авион Ц-130 на военото воздухопловство на Грција што веројатно денеска ќе замине за Либан, според информациите во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за одбрана на Грција и Кипар, Никос Дендиас и Василис Палмас вчера имаа телефонски разговор во кој се договориле Грција да му стави на располагање на Кипар Ц-130 за евакуација на кипарски државјани од Либан, а како што објавија медиумите, конкретниот транспортен авион се очекува денеска да замине за Бејрут.

Планот за евакуација на Грците од Либан, била една од темите на вонредниот состанок на владиниот совет за национална безбедност што вчера попладне го одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и на кој, како што објави МИА, била разгледана и оценета состојбата на Блискиот исток и безбедносната ситуација.

Весникот „Катимерини“ пишува дека во Атина е зголемена претпазливоста и за можните бегалски бранови и за тероризмот, поради што се засилени и безбедносните мерки.

На вчерашниот состанок во Премиерската палата, според весникот, биле разгледани евентуалните мерки што првично би можеле да се воведат, како што е зголемување на капацитетите во некои од 33 центрите за прием на бегалци во земјата.

Дополнително, „Катимерини“ пишува дека „полицијата и Националната разузнавачка служба се во состојба на готовност поради опасност од терористички напад врз цели од израелски интерес, по последните случувања на Блискиот Исток“ и како пример ги споменува експлозиите во близина на израелската амбасада во Копенхаген, а стравувањата дека и во Грција би можело да се случи нешто слично ги активирало надлежните органи, по што полицијата издала наредба со која се бара зголемување на безбедносните мерки кај евентуални цели на насилни напади.

- Мерките што се преземаат надлежните ги карактеризираат како построги во однос на оние од претходните месеци, а тоа се должи на ескалацијата на кризата во Израел, Либан, Иран и во Појасот Газа. Во планот на полицијата за главниот град учествуваат единици на тајната полиција од Секторот за борба против тероризам, од државната безбедност, како и униформирани полицајци, пишува „Катимерини“.

Додава дека дополнителен фактор за загриженост се повиците за собири и протести за солидарност за Палестина, по повод навршувањето на една година од терористичкиот напад на Хамас во Израел и почетокот на војната. ср/ссм/

Фото: Архива МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан