• сабота, 23 ноември 2024

Група странски државјани уапсени во Полска под сомнение дека шпионирале за Русија

Група странски државјани уапсени во Полска под сомнение дека шпионирале за Русија

Варшава, 16 март 2023 (МИА) - Група странски државјани е уапсена во Полска под сомнение дека шпионирале за Русија. Јави Би-Би-Си повикувајќи се на локалните медиуми.

Шест лица се приведени под сомнение дека поставиле тајни камери за снимање на чувствителни инфраструктурни објекти кои се користат за доставување воена помош за Украина.

Радио станицата РМФ ФМ (RMF FM) јави дека оваа шпионска ќелија подготвила планови за саботажа и инсталирала десетици камери во близина на железничките јазли и важни транспортни рути во полската провинција Субкарпатија, што граничи со Украина.

Полските медиуми не го наведуваат потеклото на уапсените кои се осомничени за шпионажа. Неколку камери се пронајдени и во близина на мал регионален аеродром што е претворен во меѓународен логистички центар за испорака на воена и хуманитарна помош за Украина.

Овој аеродром се смета за многу чувствителен инфраструктурен објект што вооружените сили на САД го заштитија со противвоздушни ракетни системи Патриот.

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна слета на овој аеродром на пат кон Киев, потсетува Би-Би-Си. сд/

Остани поврзан