• понеделник, 23 декември 2024

Груби на СЕФФ: прогнозата за мојата земја за овој мандат е: автопати, железници, зелена агенда, развој, но и понатамошни реформи и неоткажување од европскиот сон

Груби на СЕФФ: прогнозата за мојата земја за овој мандат е: автопати, железници, зелена агенда, развој, но и понатамошни реформи и неоткажување од европскиот сон
Скопје, 31 мај 2022 Почитувани дами и господа, почитуван домаќин на овој настан Фатмир Бесими, честитки за овогодинешната конференција, која несомнено претставува голем успех. Судбината на оваа конференција, во нејзините први две години ја следат многу раскрсници, првично она на пандемијата Ковид и нејзините последици, а моментално она на човечката глупост наречена војна, војна во 2022 година, во 21 век, во Европа, каде што главната улога ја има Путин, кој доцни еден век со неговата агенда и се наоѓа во еден свет далеку од вредностите на човештвото и цивилизацијата. Минатата година на оваа конференција зборував за ризиците од корупцијата за развојот на едно општество, истото важи и денес, ништо не е сменето! Меѓутоа, денес сакам да зборувам за она што ние  го нарекуваме "parashikueshmëri“ на албански јазик и "предвидливост“ на македонски јазик. Додека се подготвував за оваа конференција, прочитав нешто интересно. Некој кажал дека секој што видел автомобил кабриолет како поминува низ едно невреме проследено со дожд, тогаш ја сфаќа важноста на временската прогноза. Се разбира, предвидување кое всушност е точно и доверливо. Политиката, економијата, општествата, исто како временските системи, се сложени. Затоа, драги и почитувани, предвидливоста е важна! Предвидливоста гради доверба и сигурност во општеството, политиката и економијата. Неточните предвидувања, без разлика дали се потценети или преценети, доведуваат до дополнителни компликации. Затоа, предвидувањето е клучно за сè во животот и ги спречува пукнатини во кристалната топка на предвидувањата. Во економијата, непредвидливоста ги уништува пазарите. Во животот, непредвидливоста ги уништува плановите. Во политиката, непредвидливоста ги урива системите. Во нормални околности, политичките процеси имаат предвидливи резултати, но не и кога се работи за мојата земја. Овде не се досадуваш никогаш. Значи, ако аплицирате за членство во НАТО, се претпоставува дека вие мора да ги исполните критериумите на НАТО и да и се приклучите кон алијансата. Но не и мојата земја, ние моравме да го смениме Уставот и името на државата за да ја заслужиме милоста на членството во НАТО. Еден не многу предвидлив резултат. Ако аплицирате за членство во Европската Унија, прво мора да ги исполнувате Копенхашките критериуми, но не и мојата земја, моравме да го смениме уставното име и тоа не беше доволно, сега се бара преку методите од 18 и 19 век да станеме нешто друго од тоа што сме, да признаеме дека зборуваме странски јазик различен од оној што го зборуваме моментално, за да ја заслужиме милоста на членството затоа што ние веќе 14 години се вртиме во лавиринтот на Брисел. Истотака, не многу предвидлив резултат. Значи, ниту едно предвидување не може да ги знае овие непредвидливи, нечуени и невидени околности и затоа последиците се долгорочни и повеќедимензионални, тешки за поправање. Неизвесноста постои и е основна компонента на глобалното опкружување, но неправдата и двојните стандарди се категории кои тешко можат да се вклопат во кој било стандард кога се однесуваат на мирот, безбедноста, стабилноста, демократијата и интеграцијата. Затоа, одржливиот раст е исто така повеќедимензионален и меѓусебно зависен процес. Индикаторите за раст ја вклучуваат предвидливоста и една иднина заснована на одржливи принципи. Ние имаме потреба ЕУ и нејзините земји-членки да се придржуваат до нивните основни вредности и принципи со цел да го избегнеме заморот на општеството и стагнацијата на реформите, што пак ќе го забави растот и ќе создаде нестабилни економски околности. Сепак, дождливо или сончево, студено или топло, мора да ги исполниме очекувањата. Затоа, со задоволство ве известувам дека ги градиме Коридорот 8 и 10Д, како и автопатот Скопје - Блаце, вклучително и автопатот Кичево - Букојчан кои достигнуваат вкупна вредност од околу 1,7 милијарди евра во нашата економија, за нашите компании и граѓаните. Овие проекти, комбинирани со изградбата на железницата долж источниот Коридор 8 и исто така се надеваме дека следната година ќе започне изградбата на западниот дел на овој железнички коридор со Албанија, кои ќе имаат огромно влијание врз нашиот раст и јас сум горд што сум дел од овој процес кој ќе биде збогатен со проектите на зелената агенда на обновливата енергија, проектите за управувањето со отпад, системите за водоснабдување и управување со отпадни води. Имајќи го ова во предвид, прогнозата за мојата земја за овој мандат е: автопати, железници, зелена агенда, развој, но и понатамошни реформи и неоткажување од европскиот сон. Вашето трпение за да ме сослушате претставува чест за мене, ви благодарам! Интегрален говор на првиот потпретседател на Владата г-дин Артан Груби на СЕФФ. Кабинет на Првиот Вицепремиер Министерство за Политички систем и односи меѓу заедниците - Сектор за медиуми и односи со јавноста ______________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан