• четврток, 19 декември 2024

Груби - Лудва: Европа е безбедна со интеграција на С.Македонија и целиот регион во ЕУ

Груби - Лудва: Европа е безбедна со интеграција на С.Македонија и целиот регион во ЕУ
Скопје, 3 март 2022 (МИА) – Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, Јарослав Лудва на која е оценето дека Северна Македонија има геостратешко значење и дека Европа е безбедна со интеграција на нашата држава и на целиот регион во ЕУ. На состанокот, како што информираат од Кабинетот на Груби, е пренесено дека Чешката Република го поддржува европскиот пат на Република Северна Македонија и дека и понатаму ќе ја има поддршката, посебно што Чешката Република ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јули годинава. - Заедно со амбасадорот Лудва разговаравме и за руската агресија врз територијата на Украина и заедно го осудивме овој чекор на Москва како една закана, не само за тој регион, туку и за цела Европа, истакна Груби. Како што посочуваат од прес-службата на Министерството за политички систем, двајцата соговорници разговарале и за спорот со Република Бугарија. Груби, како што се вели во соопштението, му пренел на чешкиот амбасадор дека Република Северна Македонија ќе работи низ една чесна комуникација во дијалогот со Република Бугарија и дека трудот во овие разговори веќе е препознаен и од државите на Европската Унија. Груби му порачал на Лудва дека Владата е ангажирана максимално да работи по принципот на почитување на другиот, на сочувување на достоинството на граѓаните на двете држави и во духот на европските перспективи. На средбата, заеднички е констатирано дека постојат можности за унапредување на добрата соработка меѓу двете земји во повеќе области, како што се економијата, одбраната, енергетиката итн. фф/бак/

Остани поврзан