Грозданова: Деветвалентна ХПВ вакцина и за момчиња од 12 до 18 години, да се спречи да бидат трансмитери и за заштита
- Најчестите ХПВ асоцирани болести кај жените се цервикалниот карцином на грло на матката, кацином на вагина, вулва и анус, додека кај мажите тоа е карциномот на пенисот, карцином на анусот и кај двата пола забележан е пораст на ортофаријангијалниот карцином, изјави Грозданова.
Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Осовременет е Календарот за редовна имунизација со деветвалентна ХПВ вакцина-Гардасил 9 што ќе биде достапна за еден месец на вакциналните пунктови, најавија на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
Национаналниот координатор за имунизација Александра Грозданова појасни дека од оваа година, покрај тоа што се преминува на деветвалентаната ХПВ вакцина, таа ќе биде наменета и за момчиња на истата возраст, од 12 до 18 години, односно до завршување на средното образование.
- Дозажниот режим е според календарот за имунизација, на возраст од 12 до 15 години се примаат 2 дози, а кај деца постари од 15 години ќе се примаат 3 дози. Целта за вакцинирање на момчињата е двојна: со тоа се спречува момчињата да бидат трансмитери, т.е. да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести. Најчестите ХПВ асоцирани болести кај жените се цервикалниот карцином на грло на матката, кацином на вагина, вулва и анус, додека кај мажите тоа е карциномот на пенисот, карцином на анусот и кај двата пола забележан е пораст на ортофаријангијалниот карцином, изјави Грозданова.
Со вакцинирање на возраст помеѓу 12 - 15 години, како што додаде таа, се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот. Се вакцинираат и девојчиња и момчиња пред да бидат изложени на вирусот.
- Се проценува дека ХПВ-вакцината може да спречи 70 проценти од случаите на цервикален карцином, 80 проценти од анален карцином, 60 проценти од вагинален карцином, 40 проценти од вулварен карцином, и покажува повеќе од 90 проценти успешност во спречувањето на ХПВ-позитивните орофарингеални карциноми. Во однос на заштитата, веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од повеќе од 10 години на оваа деветвалента вакцина. Во нашата земја набавени за следните три години се 70.000 дози вакцини, секако имајќи ја можноста, доколку се зголеми потребата и дополнителни број вакцини кои можат да се набават. Во последната година имаме опфат од само 52-54 проценти, информираше Грозданова.
ХПВ вакцината во државава беше воведена пред повеќе од 15 години.
- Досега се користеше четиривалентната вакцина, а со ова осовременување на календарот од оваа година ќе ја користиме деветвалентаната ХПВ вакцина, која обезбедува заштита и кон дополнителните пет серотипа на ХПВ вирусот и тоа покрај четири серотипови против кои и досега вакциниравме 6, 11, 16 и 18, оваа вакцина ќе заштитува и од ХПВ серотиповите 31, 33, 45, 52, 58, појасни Грозданова.
Високо ризични, дополни таа, се 16 и 18 и дополнително 31, 33, 45, 52, 58, предизвикувачи на ангиогенителни брадавици се серотиповите 6 и 11.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани посочи на податоците дека годишно во државава се евидентираат околу 150 нови случаи на рак на грлото на матката. Околу 60 пациенти годишно го губат својот живот поради состојби поврзани со ова заболување.
- Вакцинацијата е најдобриот начин за спречување на инфекција со ХПВ, рак на грлото на матката и други малигни заболувања поврзани со ХПВ, рече таа, нагласувајќи дека опфатот со вакцинација против ХПВ е недоволен.
Таа подвлече дека лажните вести и дезинформациите, придонеле кон перцепцијата оти оваа вакцина е небезбедна и непотребна.
Специјалната претставничка на Светската здравствена организација, Ане Јохансен оцени дека е ова прекрасен и многу значаен момент и упати честитки до Министерството, државата, за постигнатите успеси на ова поле.
- Сите ние треба да земеме учество во оваа битка, порача Јохансен на прес-конференцијата. бд/лв/
Фото и видео: МИА