• вторник, 24 декември 2024

Грковска – Зибери: Ефикасната заштита на правата на граѓаните е приоритет

Грковска – Зибери: Ефикасната заштита на правата на граѓаните е приоритет
Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска оствари работен состанок со народниот правобранител Насер Зибери на кој се разговараше за предизвиците со кои се соочува оваа институција, но и за начините како тие да се надминат.
 Вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го информираше народниот правобранител Зибери за координативните активности што ги презема нејзиниот Кабинет, со цел да се обезбеди поефикасна имплементација на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, подготвен од Европската комисија.
 -Таа оцени дека е многу важно заеднички, низ координативен процес сите институции да работат на имплементација на препораките од Европската комисија, а со тоа и да се надминат системските слабости, се наведува во соопштението.
 Двајцата соговорници разговарале за потребата да се пристапи кон измена на законската рамка која се однесува на Народниот правобранител како институција, која ќе овозможи усогласување на правната рамка со париските критериуми и венецијанските начела, пред се во поглед на нејзината финансиска независност.
 -На состанокот стана збор и за соработката што Народниот правобранител ја има со останатите институции, со цел да се обезбеди ефикасна заштита на правата на граѓаните, при што беше нагласено дека веќе се надминати проблемите со посетите на казнетите установи, со кои Народното правобранителство порано се соочуваше, се вели во соопштението.  
 Вицепремиерката Грковска и народниот правобранител изразиле подготвеност наредниот период заеднички да работат на надминување на предизвиците со кои се соочува оваа институција. дма/бак/
Фото: Влада

Остани поврзан