• понеделник, 23 декември 2024

Грковска: Образованието е клучен фактор за справување со сите современи предизвици со коишто се соочува општеството

Грковска: Образованието е клучен фактор за справување со сите современи предизвици со коишто се соочува општеството

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - Општествата треба да ги направиме поагилни за да можат побрзо да се адаптираат на предизвиците што ги носи новото време во смисла на брзиот технолошки развој, дигитализацијата и сајбер безбедноста, а ова претставува голем предизвик и за квалитетот на образованието, особено на високото образование, кое треба да се прилагоди за да може да даде добар одговор во оваа трансформација на општеството, смета вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Во обраќањето на меѓународниот научен и стручен симпозиум на тема Високото образование во ерата на дигиталната технологија“, организиран од Американскиот универзитет на Европа – ФОН, по повод 20 години од основањето на Универзитетот, Грковска потенцира дека прашањето на адаптација на новите современи предизвици е прашање на целото општетство.  

 -Целото општество во суштина треба да стане поагилно, ние сите имаме обврска да најдеме механизми како општеството да стане поактивно и многу побрзо да се адаптира и да реагира на новите предизвици кои ги носат денешното време. За жал, требаше да ни се случи војната и агресијата на Русија врз Украина, за поголемиот дел и генерално општеството да сфати дека интересот за сајбер безбедноста и лоцирањето на свеста за сајбер безбедноста не е трошок, туку е инвестиција. И за жал, агресијата на Русија спрема Украина не направи генерално побудни за многу прашања за коишто зборувале отсекогаш некоја мала група на луѓе која била третирана, ете таму, сега некои математичари, информатичари тука ќе ми зборуваат за сајбер безбедност и што ли да е тоа. Меѓутоа, факт е дека одговорноста сега е уште поголема и дека тоа не е одговорност и не е прашање само за едно министерство, за Кабинетот за политики за добро владеење со оглед на тоа што јас и претседавам со Националниот совет за дигитална трансформација на општеството не е тоа ниту задача само на факултетите коишто произведуваат кадри, туку генерално на целото општество, вели Грковска.

Според неа, паралелно со користење на дигиталните алатки и користење на новите технологии и алатки коишто ги носи денешното време треба да расте и да јакне свесноста за сајбер безбедноста, но, исто така и да се имплементираат политики коишто ќе го овозможат тоа.    

Образованието, пак, додава Грковска, треба да создаде способност за поимање и толкување и на прашањата од светски рамки, особено за она што се случува во светот имајќи ги во предвид најновите геополитички случувања и начинот којшто во овој момент геополитички се позиционира светот, а може да им помогне на младите особено да ја разберат сложеноста на геополитиката и како можат другите искуства да придонесат за подобар општествен систем.

-Целиот овој сегмент за којшто зборуваме почнува и завршува со образованието. И образованието е клучен фактор за превенирање и надминување на сите предизвици со коишто се носиме како општество. Во основа ние имаме обврска да зборуваме и силно да инсистираме на вистинските вредности и на тоа што би сакале да градиме како општество, затоа што во текот на цела оваа трансформација на општествениот систем од независноста на Македонија до денеска поминувајќи низ многу премрежија некако по пат ги изгубивме оние вистински вредности. Вредности за коишто треба да се држиме врз основа на коишто треба да градиме и во текот на образовниот процес луѓе со интегритет кои ќе бидат отпорни и на корупција и на останати девијантни појави за да можеме да изградиме здраво општество кое што ќе се прилагодува на новите предизвици во геополитички аспект и ќе ги штити интересите на нашата држава, порачува Грковска.  

Директорот на ФОН Сефер Цаноски по повод одбележувањето на јубилејот  20 години, истакна дека Универзитетот се наметна како сериозна високообразовна институција која ја одигра својата улога како потребна конкуренција на државните универзитети, а од 2020 година стана Американски универзитет на Европа ФОН.

-Днеска после овие предизвици коишто се случуваа со короната, војната во Украина и универзитетите имаат потреба од реиновација, од реорганизација, така што денеска со овој симпозиум којшто го организираме во чест на 20-годишнината со убави важни гости отвораме нови теми коишто се многу интересни и актуелни посебно во делот на сајбер безбедност, рече Цановски.

Свечената церемонија по повод јубилејот ќе се одржи вечер во просториите на АУЕ - ФОН. вг/аа/

  

Остани поврзан