• сабота, 23 ноември 2024

Грковска: Неопходна е поголема одговорност на финансиските друштва и поголема контрола врз издавањето на „брзите кредити“

Грковска: Неопходна е поголема одговорност на финансиските друштва и поголема контрола врз издавањето на „брзите кредити“

Скопје, 11 септември 2023 (МИА) - Неопходен е координиран и ефикасен пристап на сите надлежни институции, но и зголемена одговорност за финансиските друштва со цел да се спречат сите можности за натамошни злоупотреби со брзите кредити кои директно се вршат на грбот на граѓаните, истакна вицепремиерката  за политики за добро владеење, Славица Грковска на координативниот состанок со надлежните институции и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва.

На состанокот, чија цел е да се преземат брзи и зајакнати мерки за справување со злоупотребата на личните податоци на граѓаните и нивно незаконско задолжување со таканаречените „брзи кредити“, информираат од владината прес-служба, присуствуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик министерот за финансии, Филип Николовски, вицегувернерката Ана Митреска, заменичката на Народниот правобранител, Соња Трифуновска, директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци, Имер Алиу, како и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва.

Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, во 2022 година евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити, за што до Основното јавно обвинителство поднесени се 16 кривични пријави за 24 сторители. Од почетокот на оваа година заклучно со месец јули пријавени се 65 случаи на вакви злоупотреби, за кои, по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители.

Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) Алиу, информираше дека во Агенцијата во 2023 година, граѓаните имаат поднесено пет барања за утврдување на повреда на правото на заштита на нивните лични податоци при процес на спроведување на брз кредит. Во однос на сите барања спроведени се вонредни супервизии од страна на Секторот за супервизија и во сите случаи утврдени се повреди по правото на заштита на личните податоци. Во претходната 2022 година, имало вкупно 1 пријава, додека пак во 2021 година имало седум пријави.

 -И покрај преземените чекори и изрекување на казни од страна на АЗЛП и покренати кривични постапки од страна на МВР, неподелено е мислењето дека неопходно е итно зајакнување на механизмите за контрола на идентитетот на барателите на брзи кредити и зголемување на транспарентноста на финансиските друштва од една страна, и брза имплементација на новите законски решенија со кои се зајакнати критериумите за работење на финансиските друштва, велат од владината прес-служба.

Од тие причини, додаваат, беше заклучено финансиските друштва во рок од еден месец да  спроведат соодветна едукација на вработените за примена на системот на идентификација при воспоставување деловен однос, согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Истовремено, финансиските друштва се должни да утврдат процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи соодветствуваат со лицето кое што е барател на кредитот.  

-Во однос на онлајн аплицирањето, потребна е идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, вклучително и со употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, посочуваат од владината прес-служба.

Во насока на зајакнување на транспарентноста, како што посочуваат, во рок од три дена финансиските друштва на своите веб страни треба да ги објавата тарифниците за трошоци за брзи кредити усогласени со новото законско решение кое ја лимитира вкупната сума за тарифирање, а по истекот на тој рок  Министерството за финансии да изврши контрола. За оние финансиски друштва што нема да ги објават тарифниците,  предвидени се казни согласно Закон.

На состанокот меѓудругото беше заклучено Министерството за финансии во рок од 30 дена да подготви подзаконски акти за подобра операционализација на новото законско решение, кои ќе овозможат надминување на детектираните слабости. вј/са/

Фото: Влада

 

 

Остани поврзан