• вторник, 24 декември 2024

Грковска: Законот за рестриктивни мерки ги извади на површина сите што по цена на своето достоинство повеќе ги бранат криминалците, отколку јавниот интерес

Грковска: Законот за рестриктивни мерки ги извади на површина сите што по цена на своето достоинство повеќе ги бранат криминалците, отколку јавниот интерес

Скопје, 19 февруари 2024 (МИА) - Една од најдобрите работи која произлезе од покренувањето на иницијативатa за Законот за рестриктивни мерки е што ќе се види колку навистина оние кои се за борба против корупцијата и организираниот криминал се искрени во тоа, а колку е тоа само флоскула. И ова ги извади на површина сите оние кои што се спремни и по цена на своето достоинство да ги бранат повеќе криминалците, отколку јавниот интерес и интересот на сите граѓани, вели вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска осврнувајќи се на предлог измените на Законот за рестриктивни мерки.

Грковска, во денешното интервју за Слободен печат, нагласи дека наспроти шпекулациите во јавноста, оваа иницијатива не е поврзана со конкретни имиња, туку таа се покрена поради, како што рече, чудната леснотија на неодговорност и игнорирање од страна на нашите обвинителски и судски органи, иако изречените санкции се базираат на докази, кои се обезбедени од страна и на нашите институции.

Вицепремиерката појасни дека овој предлог во суштина треба да овозможи, штом ќе се појават нови лица или компании на листата на санкции на САД, нашите институции да достават предлог до Владата, да се усвои таа листа, а обвинителството ќе мора да почне да постапува.

-Ако имате стратешко партнерство со САД, и ако дел од тоа партнерство се однесува на борба против корупцијата и криминалот, тогаш е недозволиво во една таква ситуација да ги игнорирате напорите на нашите партнери и да ги доведете во ситуација тие да доставуваат барања до нашите органи, изјави Грковска, истакнувајќи дека историски гледано, САД секогаш недвосмислено не поддржувале и ни помагале за постигнување на стратешките цели и интереси на нашата држава и народ.

Грковска, во интервјуто се осврна на отвореното писмо кое таа го упати по повод распишувањето на изборите, како потсетник за законските и етичките обврски, кои ги имаат сите учесници во овој процес.

-Секои избори претставуваат тест за демократската зрелост на едно општество. Изборите треба да бидат празник на демократијата, каде што граѓаните во суштина треба да ја покажат својата моќ на одлучување и да го одберат оној кој сметаат кој со својата програма најдобро ќе ги застапува интересите на нашата државата. Обврска е на сите политички чинители, без да се служат со дезинформации и со лажни вести, да го претстават она за кое ќе се залагаат доколку ја добијат довербата, истакна Грковска и дополни дека политичките превирања се нормална појава во секоја демократија, сѐ додека се во рамки на нормална политичка дебата и аргументација и без насилство.

Осврнувајќи се на активностите поврзани со јакнењето на интегритетот и одговорноста на носителите на функции, вицепремиерката Грковска посочи дека како одговорна за Етичкиот кодекс во Владата, таа организираше низа обуки за избраните и именуваните функционери, со поддршка на УСАИД. Грковска додаде дека во насока на воспоставување долгорочни и одржливи решенија на ова поле, веќе е формиран тим на обучувачи, кои се вработени во Генералниот секретаријат на Владата, Канцеларијата на премиерот и Кабинетот за политики за добро владеење, а со цел да се направи систем кој и понатаму ќе држи фокус на важноста на овие обуки.

Во однос на изречените опомени за прекршување на Етичкиот кодекс, вицепремиерката Грковска истакна дека тие се изрекуваат неселективно и исклучиво врз основа на аргументи, и истакна дека притисокот на јавноста и на медиумите, придонесува за зголемување на свеста за улогата која функционерите ја имаат - да бидат рол модели за општеството за тоа како некој треба да си ја врши својата работа, со интегритет, професионалност, одговорност и за доброто на сите граѓани. сст/са/

фото прес-служба на Владата

 


         


 

--

Остани поврзан