• вторник, 24 декември 2024

Грковска - Дод: За ефикасно справување со сивата економија и корупцијата неопходен е координиран и системски пристап

Грковска - Дод: За ефикасно справување со сивата економија и корупцијата неопходен е координиран и системски пристап
Скопје, 19 октомври 2022 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше состанок со делегација на Трезорот на САД, составена од Џорџ Дод, постар советник за јавни приходи и Лесли Леркиндер, помошник директор за јавни приходи, со кои разговараше за потребата за унапредување на капацитетите на институциите во земјата во борбата против сивата економија и корупцијата. Грковска им се заблагодари на претставниците од Трезорот на САД, кои се во оценска мисија на земјава за дефинирање на меѓусебната соработка во наредните пет години, за поддршката што САД и ја дава на нашата држава во јакнење на капацитетите на институциите. Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерката истакна дека е многу важно преку системски политики и мерки координирано да се спротивставиме на сите облици на корупција. Во таа насока, додаде Грковска, е и подготовката на законот за потекло на имот, чија изработка ја координира Кабинетот за политики за добро владеење, кој е во завршна фаза. Дополнително, оцени вицепремиерката, таков координиран пристап мора да имаме и за подготовка на законска регулатива за оф-шор трансакциите, за што побара поддршка и експертиза од САД. Дод нагласи дека според досегашната анализа има простор за соработка во повеќе области, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, како и низа други институции кои имаат клучна улога во справувањето со сивата економија и организираниот криминал и корупцијата. Тој оцени дека многу важно во овој процес е соодветната екипираност на институциите со стручни кадри кои ќе одговорат на задачите, но и да се зајакне системот на внатрешна контрола во институциите. рп/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан