• вторник, 24 декември 2024

Грковска: Корупцијата е глобален проблем, потребно е заедничко решение за нејзино искоренување

Грковска: Корупцијата е глобален проблем, потребно е заедничко решение за нејзино искоренување

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Корупцијата не е проблем само на одредени земји, туку глобален проблем кој ја загрозува стабилноста, безбедноста и економскиот развој, ја поткопува довербата во институциите, го намалува квалитетот на јавните услуги, ги крши човековите права и го поттикнува организираниот криминал, тероризмот и незаконските финансиски текови, истакнала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во обраќањето на Конференцијата на земјите потписнички (CoSP), главното тело за креирање политики на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита од корупција (UNCAC), која се одржува во Атланта, САД.

Грковска, како што соопшти владината прес-служба, посочила дека во справувањето  со оваа глобална закана, мора да се работи заеднички за да се искорени корупцијата и да се промовира транспарентно, одговорно и партиципативно владеење во поединечни земји и низ целиот свет, бидејќи широките проблеми изискуваат сеопфатни решенија, а глобалните проблеми - глобални решенија.

Вицепремиерката истакнала дека според истражувањата на јавното мислење во Северна Македонија, корупцијата се наведува како најголем општествен проблем и додаде дека ваквата перцепција на граѓаните во голема мера се должи на фактот што во изминатите години земјата успеа да излезе од децениската состојба на затворена држава и направи огромен чекор напред со отворање на институциите и подобрување на состојбата со медиумските слободи, а тоа директно придонесе за зголемување на јавната свест за овој проблем.

- Во оваа прилика, морам да истакнам дека сум горда што Северна Македонија, според последниот извештај, е единствената земја - потписник што е целосно усогласена со Заложбата за транспарентност на УНКАК, нагласила Грковска.

Во контекст на тоа нагласила дека Владата презема голем број чекори во спроведувањето на политиките за добро владеење, а правната и институционалната рамка во најголем дел е усогласена со законодавството на ЕУ.

-За жал, демократскиот напредок што го постигнавме во последните години не значеше инстантна промена во сите надлежни институции, во однос на нивната агилност, ефикасност, посветеност и волја и интегритет доследно да го вршат својот дел од мисијата за градење подобро општество за сите, нагласила вицепремиерката.

Поради воочените слабости во клучните сегменти на системот, како што посочила Грковска, се воспостави интензивна координација на сите институции кои имаат надлежност во борбата против корупцијата, од две причини –  да се создаде форма на меѓусебен конструктивен притисок за секоја институција поажурно и поефективно да го исполни својот дел од обврските и заради градење силен меѓусекторски пристап во борбата против корупцијата како клучен предуслов за успех. дма/са/

Фото:Влада

Остани поврзан