• понеделник, 23 декември 2024

Граѓанските организации ја повикуваат Европската комисија да ја зајакне поддршката за праведна транзиција

Граѓанските организации ја повикуваат Европската комисија да ја зајакне поддршката за праведна транзиција

Скопје, 9 октомври 2024

Група граѓански организации, вклучувајќи ги CEE Bankwatch Network и Еко-свест, ја повикуваат Европската комисија и други чинители да ја зголемат поддршката за праведна транзиција за заедниците зависни од јаглен на Западен Балкан.

Во најновиот извештај (1) тие посочуваат конкретни чекори кои Европската Комисија, меѓународните финансиски институции и националните влади треба да ги преземат за да ја забрзаат праведната транзиција и да овозможат локална економска диверзификација, осигурувајќи дека ќе се одговори на потребите на граѓаните и дека никој нема да биде изоставен.

Платформата на ЕУ наменета да ги поддржи регионите зависни од јаглен да се подготват за енергетската транзиција и да разменуваат искуства со заедници од ЕУ кои се соочуваат со слични предизвици, наречена Иницијатива за региони со јаглен во транзиција за Западен Балкан и Украина (2), функционираше од крајот на 2020 до крајот на 2023 година, но засега сеуште не е во функција нова слична иницијатива, со што локалните власти се оставени во неизвесност за тоа каква поддршка понатаму можат да очекуваат за овој сложен и скап процес.

Невена Смилевска, координатор за праведна транзиција за Западен Балкан, CEE Bankwatch Network -- „Потребно е итно да се обнови и прошири поддршката од Европската Унија за заедниците зависни од јаглен за да се овозможи праведна транзиција кон економија која не зависи од фосилни горива. Целта на препораките дадени во овој извештај е да се осигура дека локалните власти ќе бидат подготвени и ќе ги имаат потребните ресурси за планирање. Со тоа на заедниците зависни од јаглен, наместо да бидат оставени сами да се снаоѓаат или да бидат ставени во позиција да заостануваат, ќе им се овозможи во брзиот процес на енергетска транзиција и самите да напредуваат.“

Препораките ја нагласуваат потребата од насочено финансирање за проекти на општинско ниво, бидејќи локалните власти често не располагаат со доволно ресурси за самите да го испланираат процесот на транзиција на начин кој овозможува тој да биде праведен за сите граѓани во општината, ниту пак имаат средства таквите планови да ги спроведат. Специјализирани финансиски алатки за поттикнување на економска диверзификација и создавање на мали пилот-проекти може да помогнат да се прикажат можностите што ги нуди иднината без фосилни горива. За да се обезбеди отчетност и ефективност, финансирањето мора да биде условено со зајакнувањето на локалната самоуправа и со следење на транспарентноста на сите процеси поврзани со енергетската и праведната транзиција.

Слични препораки беа изнесени минатата недела во манифест потпишан од шест градоначалници од општини зависни од јаглен во Западен Балкан (3). Градоначалниците ја повикуваат Европската комисија да ги поддржи нивните напори за декарбонизација на локалните економии преку зголемување на техничката помош, промовирање на успешни приказни и олеснување на посилни партнерства со региони во Европската Унија кои биле или сè уште се зависни од јаглен.

Елена Николовска, програмски координатор за клима во Здружението Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје -- „Новата Европска комисија мора да ја искористи можноста позитивно да влијае преку адресирање на овие итни потреби и помагање на Република Северна Македонија да постави курс кон праведна и одржлива иднина. Ја повикуваме Комисијата да ја потврди својата посветеност кон македонските региони зависни од јаглен и да обезбеди потребна поддршка за праведна и ефективна енергетска транзиција.“

Истото беше и голем дел од заклучоците кои произлегоа од локалните форуми на заедницата во Битола во ко-организација на Еко-свест и општината, каде се дискутираа проблемите и се изготвуваа препораки со визија за развој на Битола без јаглен. Главната препорака за развој на регионот беше дека е потребна техничка и финансиска подршка но и активно вклучување во централните процеси на носење одлуки од значење за локалните заедници. 

Еко-свест Скопје 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан