• сабота, 23 ноември 2024

Град Скопје и Националниот сојуз на слепи потпишаа меморандум за соработка

Град Скопје и Националниот сојуз на слепи потпишаа меморандум за соработка
Скопје, 15 јуни 2021  (МИА) - Град Скопје и Националниот сојуз на слепи во Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка со цел поефикасно остварување на социјалната грижа за слепите лица, нивна поголема мобилност, вклучување во општествените текови и јакнење на социјалната сигурност. Како што информираше Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје, при денешното потпишување на Меморандумот, Националниот сојуз на слепи со овој меморандум се обврзува да подготвува извештаи за работа на Град Скопје за состојбите поврзани со социјалната сигурност на слепите лица а заради потреба на адаптација со целосно справување на пречките, обезбедување достапност на информациите како и јакнење на правата на слепите лица во градот. - Овие извештаи Град Скопје ќе ги користи за унапредување на своите програмски активности кои што се однесуваат на подобрување на условите на слепите лица во Скопје, рече Шилегов. Тој дополни дека изминатиов период Градот и Сојузот имале интензивна соработка и се реконструирале фискултурните сали во средните училиште „Михајло Пупин“ и „Здравко Цветковски“ при што биле обезбедени спортски реквизити за слепи и слабовидни лица, при што во училиштето „Михајло Пупин“ била изградена и една тактилна патека. - Обезбедивме поддршка во спортски манифестации, како што е традиционалниот шаховски турнир и гол-бол натпреварот. Дополнително, обезбедуваме и бесплатни слободни легитимации за јавниот превоз за 320 корисници членови на сојузот. Воедно, организираме и групен превоз за излетнички места за членовите на ова здружение, сподели Шилегов, кој кажа дека посветено се работи на унапредување на квалитетот на живот на слепите лица во нашиот град. Шилегов истакна дека новоста која што ја внесуваат во квалитетот е отворањето на првиот дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид чие што функционирање е помогнато од Град Скопје. Жарко Селковски, претседател на Национален сојуз на слепи на Северна Македонија, изрази благодарност за, како што рече „големото разбирање за потребите за еден ваков дневен центар, прв за нашата категорија, каде што ќе можат нашите членови секојдневно да се обучат во најважниот сегмент во животот“. - Сметам дека е многу важна ориентацијата во просторот каде што ќе обрнеме најмногу внимание за животни вештини, за компјутери, за обука на компјутери со говорна синтеза, каде што моментално во соработка со Министерството за труд и социјална политика и УНДП при крај е изработка на говорна синтеза на македонски и албански јазик, каде што ќе можат нашите членови да се обучат на својот мајчин јазик, сподели Селковски. Тој дополни дека ќе има и други активности со кои што ќе поттикнат нивните членови за физичка активност во спортските сали. ар/сп/

Остани поврзан