• недела, 22 декември 2024

Градоначалникот на Крива Паланка бара државна помош за справување со штетите од невремето

Градоначалникот на Крива Паланка бара државна помош за справување со штетите од невремето

Крива Паланка, 3 јули 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ја повика Владата на Република Северна Македонија да овозможи државна помош за Општина Крива Паланка за справување со штетите од невремето што ја зафати целата држава деновиве,  кое во општината оштети над 40 километри земјена патна инфраструктура.

-Потребни нѝ се помош и поддршка од надлежните национални институции и претпријатија за справување со штетите од невремето што општината не е во можност сама да ги санира. Бараме Владина, државна помош за брза санација и ефикасно справување со последиците, со цел избегнување поголеми проблеми за мештаните и локалното население во руралните средини и големиот број оддалечени села каде се настанати штетите. Општина Крива Паланка за овој, како и за секој проблем, работи темелно, но решавањето на настанатата состојба не е можно без неопходната поддршка надлежните институции. Само за потсетување, во јуни 2023 година по невремето, Општина Крива Паланка со заеднички сили и државна помош, заедно со ЈП Државни патишта и тимовите на Инженерскиот вод на АРМ, со сите локални служби и расположливи човечки ресурси, успеа навремено да ги санира штетите и да ги врати во првобитна состојба локалните патишта, рече Митовски.

Тој посочи дека природните непогоди се непредвидливи, единствено што преостанува е како носители на одговорност истата секој чинител да ја прифати и со заеднички ресурси, со поддршка од државата, да се заложат за секој жител, зашто граѓаните се прв приоритет. ид/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан