• среда, 25 декември 2024

Градоначалникот на Делчево апелира граѓаните да не се движат низ шумските подрачја

Градоначалникот на Делчево апелира граѓаните да не се движат низ шумските подрачја
Делчево, 3 вгуст 2021 (МИА) - Делумно е локализиран пожарот кај Нов Истевник, кој се закануваше да го проголта маалото Пасјак, соопшти Општина Делчево.
Согласно последните информации, кај најзагрозената населба пожарот е пресечен, спасени се куќите, но и по 24 часа, сè уште гори кај месноста Бајаз Тепе, а опожарена е борова шума, јасика и ниско стеблести растенија на површина од 30 хектари.
-Во акцијата се вклучени над 120 луѓе. Ангажирани се и Просторните сили на Општина Делчево, ТППЕ на Делчево и Македонска Каменица, екипи од ЈКП „Брегалница“ и ЈП „Национални шуми“, Гранична полиција, локално население, а од утрово во гаснењето на пожарот се ангажирани и  припадници на АРСМ, информираат од Општината.
Градоначалникот Горан Трајковски, кој синоќа, но и од утрово е на опожареното подрачје, испрати апел до граѓаните да не се движат низ шумските подрачја без дозвола, заради лична безбедност и спречување натамошно ширење на пожарите кои поради високите температури и ветерот има огромна можност од појава на нови пожари.
-Пожарот кај Нов Истевник е сè уште активен. Доколку има доброволци кои сакаат да се приклучат во акцијата за борба со пожарите, можат да се пријават во ТППЕ Делчево. Општина Делчево има обезбедено доволна количина потребна опрема и алат за гаснење шумски пожари, а обезбедено е и храна и вода, порача Трајковски.
Синоќа во акција координирана од градоначалникот Трајковски, беа  евакуирани стари и изнемоштени лица од Маалото Пасјак со цел да се избегне опасноста од загорозување човечки животи.
Од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели низ државава. вс/мд/

Остани поврзан