• понеделник, 23 декември 2024

Гофус: Некоординираните дејства на косовската Влада на северот го зголемуваат ризикот од насилство

Гофус: Некоординираните дејства на косовската Влада на северот го зголемуваат ризикот од насилство

Приштина, 29 август 2024 (МИА) – Помошникот генерален секретар на НАТО задолжен за операции, Томас Гофус изјави дека некоординираните дејства на Владата на Косово, особено на северот на земјата, населен со мнозинство Срби, може да го зголемат ризикот од насилство, што ја загрозува безбедноста на сите луѓе во земјата и ги загрозува војниците на КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

Гофус во синоќешното интервју за косовската јавна телевизија РТК, по вчерашните средби во Приштина со претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, порача дека НАТО останува посветен на безбедноста на Косово и на Балканот.

„Во текот на минатата година го зголемивме бројот на војници во Косово, со цел, за жал, да се справиме со попредизвикувачкиот безбедносен амбиент и повторното појавување на тензиите. Ова уште еднаш ја покажува посветеноста на сојузниците и партнерите на НАТО за одржување на безбедноста во Косово и воопшто на Балканот“, рече Гофус за јавната радиотелевизија.

Тој нагласи дека зголемувањето на воени трупи, неопходно во моментов, не е решение за долгорочен мир на Косово, туку тоа решение мора да биде политичко.

„Од суштинско значење е и Приштина и Белград да бидат конструктивно вклучени во дијалогот олеснет од ЕУ за решавање на преостанатите прашања. Продолжуваме да ги повикуваме сите страни да ги спроведат постигнатите договори без одлагање. Како што видовме, ненадејните и некоординирани акции, особено на северот на Косово, можат да го зголемат ризикот од насилство, што ја загрозува безбедноста на сите луѓе во Косово и ги загрозува војниците на КФОР“, рече Гофус.

Високиот претставник на Алијансата додаде дека тоа ја зголемува загриженоста на НАТО и партнерите за стабилноста на регионот и Косово и безбедноста на неговите војници. Тој рече дека војниците на КФОР остануваат посветени на своите должности, особено на северот на Косово, со редовни патроли и внимателно следење на ситуацијата на теренот.

„Тие непрекинато работат на тоа да ја одржат ситуацијата мирна, спроведувајќи го мандатот на ОН. Ова им го кажав на сите со кои разговарав, дека е важно да се има координација со НАТО за повеќе прашања, вклучувајќи го и мостот на реката Ибар“, изјави Гофус.иа/

Остани поврзан