• вторник, 24 декември 2024

Гордана Сиљановска-Давкова прва жена претседател на Северна Македонија

Гордана Сиљановска-Давкова прва жена претседател на Северна Македонија

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.

Сиљановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот вторт круг од Претседателските избори, го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски.  Според првичните резултати на ДИК, Сиљановска-Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).

null

Во кампањата која ја водеше под слоганот „Македонија повторно горда“, Сиљановска-Давкова говореше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но доколку Собранието донесе таква одлука ќе ја почитува, бидејќи Собранието е уставотворен орган. До граѓаните порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа, како што велеше, е политички и правно отворено прашање.

Во изјавата дадена на синоќешната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, таа вети дека ќе биде претседател на сите грѓани.

-Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Сиљановска Давкова.

Сиљановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment - between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Сиљановска-Давкова беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори во 2019 година, но изгуби од Стево Пендаровски.

На Парламентарните избори во 2020 година, Силјановска-Давкова беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание.

По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски. дма/са/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан