Голо Брдо се уште завеано, децата вон настава, МД „Илинден" бара итна интервенција од надлежните
- Поради обилните снежни врнежи, областа Голо Брдо и понатаму е завеана во снег, па од денеска прекината е наставата во сите училишта во областа.

Дебар, 13 јануари 2025 (МИА) - Поради обилните снежни врнежи, областа Голо Брдо и понатаму е завеана во снег, па од денеска прекината е наставата во сите училишта во областа.
На ваквата, како што ја оценува, катастрофална состојба, реагираше Македонското друштво „Илинден" повикувајќи ја албанската влада и локалните власти на општините Булќиза и Либражд итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо.
- Врнежите од снег во изминатите денови создаде тешка ситуација во областа Голо Брдо. Како резултат на големи врнежи од снег и ниски температури сите патишта што ја поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Македонско друштво “Илинден“-Тирана бара од Владата и од општините да преземат итни мерки за да се подобри ситуацијата, стои во соопштението на друштвото.
Областа Голо Брдо, која опфаќа 22 села главно населени со Македонци се протега долж албанско - македонската граница кај Дебар.
Со последната територијална поделба некогашните општини Требиште и Острени, територијално потпаѓаат под Општина Булќиза, додека Стеблево под Либражд. Сега функционираат како административни единици. вт/
Фото: МД Илинден