• понеделник, 23 декември 2024

Голем пресврт на Украинците во Зеница

Голем пресврт на Украинците во Зеница

 

Зеница, 22 март 2024 (МИА) – Фудбалските репрезентации на Украина, Исланд, Велс и Полска се пласираа синоќа во финалето на баражот за пласман на Европското првенство кое ова лето ќе се одржи во Германија.

Во најдраматичниот од четирите бараж полуфинални пресметки Украина со два гола во самата завршница ја совлада Босна и Херцеговина со 2-1 во Зеница.

Дедиќ во 58 минута донесе водство за БиХ, пред Јаремчук во 85 минута да го израмни резултатот, а само три минути подоцна Довбик донесе целосен резултатски пресврт.

Противник на Украина во финалето кое ќе се игра на неутрален терен ќе биде Исланд, кој во Будимпешта го совлада Израел со 4-1.

Победникот од овој дуел ќе биде дел од групата Е на ЕУРО 2024 заедно со Белгија, Романија и Словачка.

Во второто финале кое е на програмата во вторник во Кардиф ќе играат Велс и Полска.

Велс во Кардиф изминатата вечер ја совлада Финска со 4-1, додека Полска во Варшава триумфираше убедливо над Естонија со 5-1.

Победникот од дуелот меѓу Велс и Полска ќе игра во групата Д против Холандија, Франција и Австрија. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан