• среда, 27 ноември 2024

Голем интерес за субвенциите од Општина Кочани за купување инвертер клима уреди и печки на пелети

Голем интерес за субвенциите од Општина Кочани за купување инвертер клима уреди и печки на пелети
Кочани, 21 април 2022 (МИА) – Близу 200 семејства од општина Кочани поднеле пријави за добивање субвенции за набавка на инвертер-климатизери и печки на пелети, до крајот на рокот од јавниот повик што пред еден месец го објави Локалната самоуправа. Дополнително, до општинските служби се доставени и триесетина барања од граѓаните за финансиска поддршка при набавка на велосипед, како една од мерките за намалување на аерозагадувањето. Наскоро надлежните комисии за спроведување на субвенционирањето ќе почнат со проверка на потребната документација и увид во состојбата со купените грејни тела и велосипеди, по што ќе биде донесена одлука за исплата на финансиските средства од општинскиот буџет. -На семејствата кои купиле печка на пелети или инвертер клима уред во периодот додека траеше јавниот повик, ќе им бидат надоместени по 10 илјади денари, според условите што беа утврдени и јавно објавени. На граѓаните кои купиле велосипед, со минимум 24 инчи, ќе им бидат надоместени дел од трошоците во висина од по три илјади денари, во нето износ по барател, на начин и услови што исто така беа утврдени во јавниот повик, информираа од локалната самоуправа на Кочани. Годинава во Програмата за заштитата на животната средина за субвенции за печки на пелети и климатизери беа планирани 1,6 милиони денари, што е за околу 45 отсто повеќе во споредба минатата година. Зголемувањето произлезе како резултат на родовата анализа на Програмата за животна средина за 2022 година. За субвенционирање на набавката на велосипеди, годинава во буџетот на Општина Кочани беа наменети 350 илјади денари.та/вј/

Остани поврзан