• четврток, 26 декември 2024

Голем интерес за вакцинирање против сезонски грип во пунктовите на Центарот за јавно здравје - Кочани

Голем интерес за вакцинирање против сезонски грип во пунктовите на Центарот за јавно здравје - Кочани
Кочани, 1 ноември 2022 (МИА) – Голем интерес за вакцинирање против сезонски грип во пунктовите на Центарот за јавно здравје – Кочани покажале граѓаните од општините Кочани, Виница, Берово, Пехчево и Делчево, каде вакцина примаат просечно по околу 300 лица дневно. Со бесплатната вакцина за ризичните групи досега се имунизирани околу шест илјади лица, а освен нив можноста за превентивна заштита со комерцијални вакцини ќе ја искористат и неколку стотини граѓани кои не се во субвенционираните категории. - Во двата пункта во Кочани дневно се вакцинираат по околу 150 граѓани, главно стари лица над 65 години, како и хронично болни, здравствени работници, бремени жени и деца до петгодишна возраст. Дополнително уште толку лица примаат вакцина во пунктовите во соседните четири општини што ги покрива нашата здравствена установа. Се работи за четиривалентна вакцина, одобрена од Светската здравствена организација, за заштита од одредени типови грип што претходната година биле доминантни. Очекуваме до крајот на сезоната во нашиот регион вакцина да примат значителен процент, пред сè, повозрасни граѓани, со што ќе се намали можноста од ширење на грипот, истакна Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани. Пријавувањето за вакцинирање се прави на веб порталот vakcinacija.mk, по што граѓаните добиваат порака на мобилен телефон за датумот и времето кога треба да се вакцинираат на пунктот што го избрале при регистрацијата на системот Мој термин. та/цр

Остани поврзан