• понеделник, 23 декември 2024

Голем интерес за божиќните пештери кои ги изработуваат сестрите од манастирот во Рајчица

Голем интерес за божиќните пештери кои ги изработуваат сестрите од манастирот во Рајчица

Дебар, 21 ноември 2023 (МИА) – Голем интерес има меѓу верниците за божиќните пештери, кои со своите вредни раце, со години наназад ги изработуваат сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

-Со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година се потрудивме да одговориме на потребите на православните македонски граѓани и да изработиме пригодни традиционални божиќни украси - пештери - кои се симбол на некогашната Витлеемска пештера, во којашто се родил нашиот Спасител Христос. Пештерите, кои повеќе од една деценија ги изработуваме во различна големина, ја внесуваат божиќната атмосфера во православните домови, и тоа не само во Македонија, туку и во други земји, рече за МИА сестра Ефимија.

Сестрите од Рајчица со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благосостојба, изминатите години имаат изработено стотици пештери во различна големина, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.

Се изработуваат од различни прикладни материјали, автентично украсени и збогатени со иконата на рождеството Христово и со кандило, и така даваат можност на сите заинтересирани да го надополнат божикниот амбиент во својот дом во духот на православната традиција.

-Кога Божественото дете скришум од светот се роди во скромна пештера за да ни ја донесе на сите радоста на спасението, треба и нашите домови да засветлат со достојно украшение за пречек на ова најсвето и најспасително за нас Рождество. Треба и ние самите а и заедничкото семејно катче да го доловат смирениот лик на Витлеемската пештера, сведочејќи го на сите наоколу настанот штосе случи пред повеќе од 2000 години во таа тивка божикна ноќ, наглусува сестра Ефимија.

Со желби божиќната радост да се всели во секој православен дом, потсетува дека заинтересираните верници кои сакаат да си ги украсат своите домови со рачно изработена божикна пештера, може да нарачаат на телефонскиот број: +389 77 551 287 кај сестра Филотеја.

По традиција, големи божиќни пештери пред празникот на Рождеството Христово-Божик ќе бидат поставени во центарот на Охрид и на Кичево. вт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан