• вторник, 24 декември 2024

Годишно собрание на здружението ,,Аронија" од Делчево

Годишно собрание на здружението ,,Аронија

Делчево, 25 јануари 2023 (МИА) - Здружението на производители на органски производи „Аронија" од Делчево го одржа годишно собрание, на кое покрај изборот на нови членови, беше дефинирана и годишната програма за работа на здружението за 2024 година. 

Според утврдениот план едногласно изгласана од членовитe, во првиот дел од 2024 година, здружението „Аронија" ќе се фокусира на реализација на проектите од областа на перма култура.

- Во моментот се подготвува проект за едукација на возрасни за перма култура за Еразмус+ кој ќе се реализира со партнери од Хрватска, Турција и БИХ. Во своите програмски активности во месец февруари е предвидена и подготовката на проектот од Смарт Балкан програмата, а потоа ќе следува и посета на Саемот за земјоделие и Био-Агра во Пловдив, Р Бугарија. Активностите од областа на перма културата ќе ги финишираме со дводневна практична работилница која ќе се одржи во месец јуни годинава, информираше Фиданчо Христов претседател на здружението „Аронија".

Останатиот дел од програмата за работа, како што додаде, ќе биде насочен кон проектите за заштита на автохтони сорти на овошни култури.

- За таа цел во месеците март и април планираме подготовка на проект за изработка на каталог за автохтони сорти на овошни култури во Источно-плански регион. Потоа ќе следува аплицирање за проектот ,,Паметни климатски заедници" кој е планиран  да се реализира во соработка со здружението „Нешто више" од Мостар, додаде претседателот на делчевското здружение.

Како што беше истакнато на годишното собрание, во делот на градинарството и овоштарството, здружението годинава ќе спроведе обука за третирање на градинарски и овошни култури со природни биолошки препарати, а во насока на зајакнување на капацитетожите на своите членови, при крајот на годината ќе се реализира посета на Саемот за иновации во Загреб, на кој е предвидено да учествуваат и млади претприемачи и млади земјоделци од Општина Делчево. вс/свс


Фото: МИА
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан