• среда, 27 ноември 2024

Годинава во Кочани се родија пет бебиња, во другите болници од регионот се чека на првото новороденче

Годинава во Кочани се родија пет бебиња, во другите болници од регионот се чека на првото новороденче
Кочани, 4 јануари 2022 (МИА) – За првите четири дена од 2022 година во Општата болница со проширена дејност во Кочани се родиле пет бебиња. Со тоа, оваа здравствена институција е рекордер во источниот регион, со оглед што во другите болници сè уште се чека на првото новороденче. Опаѓањето на бројот на породувања во болниците во регионот е константно во последната деценија, при што според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година на Истокот во државата е регистриран вкупен негативен прираст од околу 1.300 лица. Во Општата болница во Кочани годинава по подолг период првото новороденче се роди на 1 јануари, при што од раководството на здравствената институција истакнаа дека иако минимално, сепак е регистрирано покачување на бројот на породувања. - На нашето акушерско одделение минатата година имаше над 150 породувања, со што продолжува позитивниот тренд, во споредба со претходната неколкугодишна стагнација. Освен од Кочани, имаме родилки и од соседните општини што гравитираат овде. Сепак, до пред две децении овде се раѓале и по 1200 бебиња годишно, но сега тој број е драстично намален, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани. И покрај позитивниот тренд на породувања во кочанската болница, анализата на официјалните податоци покажува забрзано опаѓање на бројот на населението. За една година во општините Кочани и Штип се регистрирани по околу 210 починати повеќе од бројот на родени. Во Виница негативната разлика е 144, а во руралните општини Зрновци и Чешиново-Облешево починале 93 лица повеќе во споредба со новородените. Според податоците од истражувањата на невладината организација „Ини“ од Виница најголемо влијание врз негативниот прираст во регионот имаат лошата социјалноекономска состојба и иселувањето на младите брачни парови во западноевропските земји.та/фф/

Остани поврзан