• понеделник, 23 декември 2024

Глобална недела на парите 2023: „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината!“

Глобална недела на парите 2023: „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината!“

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“ е темата на годинашната Глобална недела на парите што почнува денеска и ќе трае до 26 март, а ја одбележуваат финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор, активни во доменот на финансиската едукација.

Глобалната недела е посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството.

Како што информира Народната банка, активностите главно ќе се одвиваат преку предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.

-Учесниците можат на темата да учествуваат во активности преку кои ќе се нагласи важноста на финансиските одлуки за социјалната, економската и финансиската одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при носењето на нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството, наведува Народната банка.

Народната банка ќе организира едукативен караван за учениците од основните училишта од руралните средини преку виртуелни предавања, едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште и виртуелно предавање за студенти од еден факултет. За време на Глобалната недела на парите ќе се одржи и националниот натпревар за Европскиот квиз на парите 2023 година во чија организација е вклучена и Народната банка. Исто така, ќе бидат споделени објави за остварените активности на социјалните мрежи.

На  светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции. мч/дма/

 

Фото:Народна банка

Остани поврзан