• вторник, 24 декември 2024

„Гласен Текстилец“ ги повика работниците да пријавуваат доколку не им е исплатено К-15

„Гласен Текстилец“ ги повика работниците да пријавуваат доколку не им е исплатено К-15
Штип, 2 јануари 2022 (МИА) - Рокот за исплата на регрес за годишен одмор или познато како К-15 помина. Во денешното соопштение од НВО „Гласен Текатилец“ се вели дека правото на регрес за годишен одмор К-15 претставува законска обврска на работодавачот. Рокот за исплата на регресот е до 31 декември. -Ве повикуваме до 15 јануари 2022 година, да пријавите доколку не ви е исплатен регрес од годишен одмор или ви е исплатен само дел од предвидениот надоместок за уредно да можеме да реагираме и пријавиме до Државниот трудов инспекторат, се со цел работодавачот да биде задолжен за негова исплата и соодветно санкциониран, велат од „Гласен Текстилец“. Тие ги информираат работниците дека доколку во фирми каде има исплата на регрес од годишен одмор во помал износ, а имало потпишано спогодба со претставник од работниците, ќе побараат да се испита законитоста за назначување на тој претставник со целата потребна документација. -Пријавувањето е анонимно и ве охрабруваме да пријавувате прекршување на работнички права, бидејќи заштита доаѓа најпрвин од самите вас како работници, се вели во соопштението од „Гласен Текстилец“. Ги повикуваат ССМ и Организација на работодавачи да го ревидираат Колективниот договор за стопанството, се со цел да не се дозволува простор за манипулација и исплата на регрес за годишен одмор во помал износ од предвидениот законски износ. -Ние како Здружение ќе продолжиме да правиме притисок правото на регрес за годишен одмор во влезе во самиот Закон за работни односи и да важи подеднакво за сите работници/чки од јавен и приватен сектор, за да не се случуваат вакви манипулации кои синдикатот ги дозволи во ОКД за приватен сектор, додаваат од „Гласен Текстилец“. вдј/аа/

Остани поврзан