• вторник, 24 декември 2024

Главната опозициска партија на Зимбабве не ги признава резултатите од изборите

Главната опозициска партија на Зимбабве не ги признава резултатите од изборите

Хараре, 27 август 2023 (МИА) - Главната опозициска партија во Зимбабве, Граѓанска коалиција за промени, не ги признава изборните резултати од претседателските избори во земјата, кои странските набљудувачи ги оценија како недоволно слободни и фер, а со кои актуелниот претседател, Емерсон Мнангагва, го освои вториот мандат, јави ДПА.

Претседателот Мнангагва (80) обезбеди нешто помалку од 53 отсто од гласовите на претседателските и парламентарните избори, штос е одржаа во средата, додека најперспективниот кандидат на опозицијата, Нелсон Чамиса, дојде до 44 отсто од гласовите, соопшти изборната комисија доцна синоќа.

Со победата Мнангагва го осови вториот петгодишен мандат, што првично го освои во 2017 година по воениот удар. Меѓутоа, партијата на опозицискиот лидер Чамиса, Граѓанска коалиција за промени (ГКК), не ги прифати резултатите од изборите.

„Нема да се свиткуваме и да прифаќаме фиктивни лаги“, се наведува во соопштението на партијата, објавено набргу по објавувањето на резултатите доцна синоќа.

Партијата соопшти дека изборите биле нарушени со „потиснување на гласачите и еклатантна злоупотреба“.

Партијата наведе дека планира да иницира рикаунтинг (пребројување) на резултатите од граѓаните, наведе германската агенција.

Според прелиминарните резултати, владејачката партија Зану-ПФ, исто така, обезбеди солидно мнозинство во парламентот.

Неколку организации за човекови права укажаа на заплашување на гласачите, фалсификување на избирачките списоци и назначување поддржувачи на Зану-ПФ во изборната комисија. сд/

фото:Скриншот Си-ен-ен

Остани поврзан