• вторник, 24 декември 2024

Гир: Македонското законодавство итно да се усогласи со најновите ЕУ стандарди и легислативи за енергетска ефикасност

Гир: Македонското законодавство итно да се усогласи со најновите ЕУ стандарди и легислативи за енергетска ефикасност

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Северна Македонија изготви многу стратегии и документи, креираше и политики, но сега фокусот треба да се стави на имплементацијата. Земјата треба итно да го усогласи националното законодавство со најновите ЕУ стандарди и легислативи за обновливи извори и енергетска ефикасност за да држи чекор со равојните трендови на Унијата. Ќе мора и да ги воспостави неопходните механизми за да биде дел од шемата за размена на енергија на ЕУ во иднина, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

Во обраќањето на 7. Македонски енергетски форум (МЕФ), Гир потенцира дека производството во Северна Македонија во голема мера зависи од увозот на фосилни горива - гас, јаглен, нафтени деривати, кои се подложни на флуктуации на цените, како и на можни прекини во снабдувањето. Според него, кризата покажа дека е добро да се има функционален и добро поврзан енергетски пазар кој ќе понуди висококвалитетни услуги, безбедност и сигурност при снабдувањето, но и достапни цени, а тоа значи дека мора многу да се инвестира. 

Гир порача дека зелената транзиција бара паметни решенија. Процесот, рече, не е ниту лесен, ниту брз и притоа е многу важно транзицијата од фосилни горива во зелена енергија да се случува на правичен начин. Ќе мора, укажа, сите што работат во енергетиката да минат низ нови обуки и да совладаат нови вештини.

- Се што спомнав сега, мора да биде вклучено во долгиот список работи кои треба да се завршат. Гледајќи напред, треба да се надградуваме на постојните можности. Северна Македонија има многу природни ресурси, ветер, вода, сонце и има огромен потенцијал да ги негува како овие обновливи извори. Да се види дека секоја година има се поголема нивна примена, е одлично. Неопходна е ефективна координација меѓу институциите и сите релевантни засегнати страни, поддржани од човечки и финансиски ресурси. Знам дека ова ќе биде голем предизвик за новата влада. Многу ќе биде важно итно да се усогласи националното законодавство со најновите ЕУ стандарди и европската легислатива за обновливи извори и енергетска ефиканост за да се држи чекор со развојните трендови на ЕУ, подвлече евроамбасадорот.  

Зависноста од фосилни горива доведе делови од секторот да се трансформираат од најголеми загадувачи во „зелени“ емисии, но тука, напомена Гир, не се зема предвид загадувањето од РЕК Битола и Осломеј.

-ЕУ е тука за да ја поддржи Северна Македонија. Енергетска транзиција е нужна секаде во регионот, потребно е и реобмислување на мрежата во насока на поголемо складирање и воспоставување погон на обновилив извори, дополни Гир.

Тој се осврна на Директивата за обновливи извори на енергија, потсетувајќи дека целта е зголемување на уделот на обновливата енергија во вкупната енергетска потрошувачка на ЕУ на 42,5 отсто до 2030 година, со можност за дополнител раст за уште 2,5 процентни поени до нивото од 45 проценти. Директовата предвидува и секоја година три отсто од јавните згради да бидат реновирани согласно енергетската ефикасност, како и сите нови згради од 2030 година натаму да произведуваат нула емисии на штетни гасови. 

-Четириесет отсто од европската мрежа за снабдување со енергија се стари преку 40-50 години и се околу централно поставени електрани, зависиме многу од фосилни горива, неопходно е реобмислување на финансиите за тоа како ќе се снабдуваат не само малите и средните претпријатија, туку и домаќинствата. Неопходна е индустриска трансформација за зелена иднина која, пак, ќе ја направи економијата поконкурентна, потенцира Гир. мч/лв/

фото/видео: МИА

 

 

Остани поврзан