• четврток, 26 декември 2024

Гир: Земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да ги направат реформите кои се неопходни

Гир: Земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да ги направат реформите кои се неопходни

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир попладнево во Собранието порача дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција на Унијата и дека земјите кои сакаат да станат членки, треба да ги направат реформите коишто се неопходни.

-Ова е суштински момент за проширувањето во склоп на Европската унија и пошироко. Мислам дека секој што ги следи случувањата во самата ЕУ, не би можел да го испушти ова чувство на итност, динамика и движечка сила за прашањето на проширувањето. Ова се одразува и во неодамнешната декларација што произлезе од Самитот во Гранада што го опиша проширувањето како геостратешка инвестиција на Европската унија во мирот, безбедноста, сигурноста и просперитетот, рече Гир попладнево на Третата сесија во рамки на Конференцијата за меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан.

Задачата на земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ, како што посочи Гир, е да ги комплетираат неоходните реформи кои се од суштинско значење - владеење на правото, реформата на јавната администрација и почитувањето на човековите права.

- Владеењето на правото е особено важна област каде не смее да постои компромис или кратење на процесите. Денеска, во Северна Македонија има навистина жива дискусија за овие прашања. Ова е нешто што се случува низ целиот Западен Балкан, рече Гир.

Целта на вистинските реформи, како што нагласи, не е само да е задоволна Европската унија, туку и да се создаде основа за просперитет, стабилност, демократија и безбедност.

- Од наша страна, ние имаме домашна задача што треба да ја завршиме. Ако не зборуваме за реформи во Европската унија, тогаш не пристапуваме сериозно кон прашањето за проширувањето и затоа мислам дека во Европската унија не може да се почне од реформите, па потоа да се оди кон проширувањето, туку да работиме паралелно за да се подготвиме за иднината заедно со Западен Балкан во Европската унија, рече евроамбасадорот Гир.

Според Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции и член на Делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ, потребно е стратешко партнерство меѓу Европската унија и Советот на Европа во однос на заедничките вредности што со цел, како што рече, да се интензивира политичкиот дијалог и да се забрза европската перспектива на Западен Балкан.

-Посилната соработка ќе овозможи исто така подобро искористување на сите можности што ги дава Советот на Европа кој имасериозна експертиза пред се во делот на владеењето на правото, демократијата и човековите права, неслучајно и Европскиот суд за човекови права е под надлежност на Советот на Европа, рече Николоски. фф/бак/

Фото: Принтскрин од видео 

 

Остани поврзан