Гил: Земјите со кои ЕУ имa договори за безбедносно партнерство може да учествуваат во Инструментот САФЕ
- Сите земји со кои ЕУ има склучено договори за партнерство за безбедност и одбрана, можат да се вклучат во одбранбени набавки заедно со државите членки на ЕУ преку Инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), информира денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.

Брисел, 24 март 2025 (МИА) - Сите земји со кои ЕУ има склучено договори за партнерство за безбедност и одбрана, можат да се вклучат во одбранбени набавки заедно со државите членки на ЕУ преку Инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), информира денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.
- Тоа им овозможува да купуваат и да вршат набавки заедно со земјите членки на ЕУ, а исто така можат и да преговараат за конкретни договори од взаемна корист за учество на нивните соодветни индустрии во таквите набавки, додаде Гил.
Северна Македонија и Европската Унија лани во ноември потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана, со што земјава стана прва во регионот на Западниот Балкан што склучи таква спогодба со ЕУ. Покрај со земјава, досега ЕУ вакви договори за партнерство има склучено и со Албанија, Јапонија, Јужна Кореја, Молдавија и Норвешка.
Наменскиот инструмент САФЕ, кој се формира во рамки на Планот „Ревооружување на Европа“ на Европската комисија, претставува фонд од 150 милијарди евра наменети за финансирање на инвестиции во одбранбените капацитети на Европа, кои ќе бидат исплаќани по барање на заинтересираните земји за проекти утврдени со нивните национални планови за одбрана. сп/
Фото: ЕУ