• понеделник, 16 декември 2024

Герхард Шредер ги повика Франција и Германија да преземат иницијатива за решение во Украина

Герхард Шредер ги повика Франција и Германија да преземат иницијатива за решение во Украина

Берлин, 28 март 2024 (МИА) - Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека е за покренување нова иницијатива за посредување на владино ниво за изнаоѓање решение за војната во Украина и ги повика Германија и Франција да преземат иницијатива по ова прашање.

Во изјава за германската новинска агенција ДПА, Шредер ги опиша како „глупости“ шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да започне нуклеарна војна или да нападне земја на НАТО на нејзиното источно крило.

Тврдејќи дека сериозно треба да се размисли за решавање на конфликтот со цел да се спречи развојот на настаните да се придвижи кон такви сценарија од самиот почеток и да се избегне зголемена загриженост на јавноста, Шредер рече дека е за покренување нова иницијатива за посредување на владино ниво во врска со војната во Украина.

„Франција и Германија треба да преземат иницијатива за ова. Очигледно е дека војната нема да заврши со целосен пораз на едната или на другата страна“, оцени Шредер.

Истакнувајќи дека релативно добро соработувал со рускиот претседател Владимир Путин во текот на годините, Шредер изрази верување дека личните односи ќе бидат корисни за решавање на овој многу тежок политички проблем.

„Затоа мислам дека би било погрешно да ги заборавиме сите позитивни работи што се случија меѓу нас во политиката во минатото. Тоа не е мој стил, не можам да го направам тоа“, рече Шредер, додавајќи дека неговата блискост со Путин може да помогне за изнаоѓање решение во Украина преку преговори.

Шредер беше жестоко критикуван во Германија за неговата блискост со Путин и неговата работа во некои руски компании по почетокот на руската војна против Украина. Бундестагот, исто така, му одзеде на Шредер некои посебни права што ги имаше како поранешен канцелар. ссм/

фото: архива

Остани поврзан