• сабота, 23 ноември 2024

Германски војници без германски пасош?

Германски војници без германски пасош?

23 јануари 2024 

Дојче Веле

Бундесверот се соочува со кадровски проблеми. Министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) предлага луѓето кои не се Германци да бидат примени во армијата. Неговиот предлог го поддржаа либералите и опозицискиот сојуз.

Како да се реши проблемот со недостиг на персонал во редовите на Бундесверот? Шефот на Министерството за одбрана, Борис Писториус, може да замисли да ја пополни таа „дупка“ со војници кои немаат германско државјанство. Во меѓувреме, неговиот предлог беше поддржан од водечки експерти за одбрана од владејачката коалиција (социјалдемократи, зелени, либерали), но и од опозицијата.

„Во принцип, во потрагата по соодветни млади луѓе, кои се подготвени да служат воена служба во редовите на Бундесверот, мораме многу повеќе да размислуваме на европски план“, вели претседателката на Комисијата за одбрана во Бундестагот, Мари - Агнес Штрак Цимерман (ФДП) за весникот „Рајнише Пост (РП).

А под тоа размислување во пошироки, европски димензии, таа верува „дека војниците без германски пасош можат побрзо да добијат германско државјанство поради нивната успешна служба во Бундесверот“.

Многу отворени прашања

И Јохан Вадефул (ЦДУ) исто така беше отворен за предлогот: „Во принцип, ја сметаме идејата исправна, но клучот е како точно да се спроведе“, изјави тој за дизелдорфскиот весник РП.

„Дали оваа можност ќе им биде на располагање само на граѓаните на земјите-членки на ЕУ или НАТО? Или и на другите? Дали е неопходно целосно познавање на германскиот јазик?

Има уште многу прашања кои треба да се разјаснат, смета тој. „Министерот Писториус и самиот рече дека за пет до осум години Бундесверот мора да биде подготвен и за водење војна. Во контекст на кадровската стратегија, тоа е исклучително краток период. Затоа, треба да се преземе итна акција“.

Изменета воена служба

Писториус предложи воведување на изменета задолжителна воена служба, односно отворање на Бундесверот и за машки и за женски војници без германски пасош.

„Нема да бидеме првата армија во Европа што ќе го направи тоа“, изјави сојузниот министер за одбрана за весникот „Тагешпигел“. Тој додаде дека во Германија има луѓе со мигрантско потекло, од втора или трета генерација, кои сè уште немаат германско државјанство.

Со оглед на кадровските проблеми во редовите на Бундесверот, германската јавност веќе подолго време разговара за стратегии за регрутирање нови припадници на војската. Една од споменатите идеи е повторното воведување на задолжителниот воен рок, кој беше укинат во 2011 година. Минатата година во Бундесверот беше формирана посебна работна група чија задача е да најде можни решенија за кадровските проблеми. паг/

 

 

Остани поврзан