• понеделник, 16 декември 2024

Германскиот чоколаден бренд Ритер Спорт го брани работењето во Русија

Германскиот чоколаден бренд Ритер Спорт го брани работењето во Русија

Берлин, 30 мај 2024 (МИА) – Шефот на германскиот производител на чоколади Ритер Спорт (Ritter Sport), Андреас Ронкен, ја бранеше одлуката на неговата компанија да остане активна на рускиот пазар и покрај тековната инвазија на земјата врз Украина.

- Руските деца исто така сакаат да јадат чоколадо, изјави тој денеска за магазинот „Фокус“, јави ДПА.
Многу западни компании се повлекоа од рускиот пазар откако рускиот претседател Владимир Путин нареди целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Ритер Спорт, сепак, продолжи да работи во Русија и покрај повремено остри критики што ги добива на своја сметка. Русија се уште е вториот по големина пазар на компанијата.

Ронкен тврди дека војната нема да се добие со ставање ограничувања на прехранбените производи, вклучително и чоколадото.

- Нашата одлука беше правилна и јас повторно би ја донел, рече извршниот директор.

Тој, исто така, посочи на потенцијалните големи последици за бизнисот доколку ги затвори своите операции во Русија, вклучително и големи отпуштања во седиштето на компанијата во југозападниот германски град Валденбух.

- Да излезевме од таму, ќе моравме да отпуштиме 200 луѓе на локацијата Валденбух, изјави Ронкен.
Ритер Спорт претходно ја оправда одлуката да остане во Русија со наведување на влијанието врз производството, што на крајот би влијаело и на фармите за какао во Западна Африка, Централна и Јужна Америка.

Наместо тоа, компанијата најави дека ќе престане со дополнителни инвестиции на рускиот пазар, нема повеќе да се рекламира таму и оти профитот од Русија ќе го донира на организации за хуманитарна помош. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан