Германскиот филм „Уау! Порака од вселената“ во киносалите во Скопје и во Битола
- Германскиот филм за деца „Уау! Порака од вселената“ во режија на Феликс Биндер, од денеска премиерно се прикажува во Скопје и Битола. Во Кинотека и киното „Милениум“ во Скопје, филмот се прикажува во терминот од 18 часот, додека во киното „Манаки“ во Битола денеска и утре ќе игра во терминот од 19 часот, а задутре од 17 часот.

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Германскиот филм за деца „Уау! Порака од вселената“ во режија на Феликс Биндер, од денеска премиерно се прикажува во Скопје и Битола. Во Кинотека и киното „Милениум“ во Скопје, филмот се прикажува во терминот од 18 часот, додека во киното „Манаки“ во Битола денеска и утре ќе игра во терминот од 19 часот, а задутре од 17 часот.
- Станува збор за авантура за целото семејство во која главните ликови се 11-годишните Анабел („Били“) и Дино. Тие се убедени дека ги контактирале вонземјани. Но, никој не им верува. За време на посетата на Европската вселенска агенција, нивната авантура добива неочекуван пресврт кога случајно се лансирани во вселената. Сега тие се впуштаат во незаборавна потрага по вонземјаните, која ќе го тестира нивното пријателство и ќе ги однесе на патешествие што го одзема здивот, соопшти дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје.
Филмот „Уау! Порака од вселената“, базиран на оригинално сценарио на Марк Мајер, претставува визуелно богата и епска детска авантура. Продуциран е од тимот кој стои зад некои популарни семејни хитови како „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Познатата петорка“ и „Дивата фудбалска банда“.
Филмот беше премиерно прикажан на Меѓународниот филмски фестивал „Шлингел“ во германскиот град Кемниц и на фестивалот „Синекид“ во Амстердам.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, со поддршка од German Films. мд/дма/
Фото: Постер