• среда, 25 декември 2024

Германската авиокомпанија Луфтханса откажа уште 2.200 летови во јули

Германската авиокомпанија Луфтханса откажа уште 2.200 летови во јули
Берлин, 24 јуни 2022 (МИА) - Германската авиокомпанија Луфтханса откажа дополнителни 2.200 летови од центрите во Франкфурт и Минхен во јули, како причина наведувајќи го и недостигот од работници поради зголемен број на заразени лица со Ковид-19. Пред две недели, компанијата информираше за откажување на 900 летови во јули. Во текот на вчерашниот ден, таа најави дека „ќе се откажат дополнителни 2.200 од вкупно 80.000 летови“. „Прво ќе бидат откажани домашните германски и летовите внатре во Европа, но, не оние на класични дестинации за одмор, што се добро пополнети во сезоната“, наведуваат од компанијата. Можно е да се промени и распоредот на летање. „Системот е дополнително оптоварен со штрајкови на контролорите на летање, временските услови и особено, зголемениот број работници заразени со Ковид-19“, појаснуваат од Луфтханса. Патниците веднаш ќе бидат информирани за откажан лет и ќе добијат, доколку има можност, резервација за други соодветни летови. Оние внатре во Германија до главните аеродроми може да бидат заменети со железнички линии. Брисел Ерлајнс, еден од членовите на Луфтханса Груп, неделава исто така откажа над 300 летови поради штрајкот на пилотите и кабинскиот персонал. Работници протестираат против прекумерната работа и сè полошите работни услови. Според ДПА, штрајкот на главниот градски аеродром во Брисел и на бриселскиот аеродром Јужен Шарлроа им создаде проблеми на десетици илјади патници. бд/сд/

Остани поврзан