• сабота, 31 август 2024

Герасимовски: Учениците на ООУ „Кочо Рацин“ во септември ќе добијат реконструирана модерна спортска сала

Герасимовски: Учениците на ООУ „Кочо Рацин“ во септември ќе добијат реконструирана модерна спортска сала

Скопје, 19 јули 2024 (МИА) -  Општина Центар информира дека почнала темелна реконструкција на спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“, а во тек е и реновирање на четири училници и два санитарни јазли во училиштето.

Од Општината информираат дека во салата со површина од 800 квадратни метри се поставува нов квалитетен паркет, поставено е ново осветлување, оштетените ѕидови се глетувани и варосани, „со што целиот простор доби поубав и почист лик“.

-Се реновираат соблекувалните и се ставаат нови кабинетски вратички. Старите спортски реквизити ќе бидат санирани или заменети, ќе се постават нови справи за вежбање, а веќе се монтирани и нови кошеви, наведува Општината.

Увид во училиштето, каде што активно се работи на реновирањето, извршил градоначалникот  Горан Герасимовски, кој истакнува дека со оваа динамика реконструкцијата ќе биде завршена пред почетокот на новата учебна година.

-Во септември учениците ќе добијат модерна и современа спортска сала. Ова ќе биде одличен простор за квалитетна настава по физичко образование и воннаставни спортски активности, место каде децата правилно ќе се развиваат, ќе научат тимски да се однесуваат и правилно да ја канализираат својата енергија, вели Герасимовски.

Во тек е поставување и на нова инсталација, плочки и санитарии во делот каде се реновираат училниците и тоалетите.

За реконструкциите во ова училиште, наведува Општината, одвоени се околу пет милиони денари.

-Во текот на летово ќе започне и санација на спортската сала и санитарните јазли во ООУ „Гоце Делчев“, а ќе се реновира и салата во „11 Октомври“. Покрај реконструкцијата на училиштните спортски сали, Општина Центар на почетокот на новата учебна година ќе ги пушти во употреба и дополнителните капацитети во ООУ „Коле Неделковски“, што се во финална фаза на градба. Се работи за доградба на шест нови училници, од кои четири за настава, два кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Ќе има и лифт за лица со попреченост, тоалет во долниот кат и пристапна рампа, информира Општина Центар. хс/вг/

Фото: Општина Центар 

Остани поврзан