• недела, 28 јули 2024

Герасимовски на средба со Ескобар: Локалната самоуправа придонесува во евроатлантската интеграција

Герасимовски на средба со Ескобар: Локалната самоуправа придонесува во евроатлантската интеграција
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој е во посета на САД организирана од американската Амбасада во Република Северна Македонија, се сретна со претставникот на Стејт Департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Како што соопштија од Општината, на средбата станало збор за актуелната состојба во регионот и во државата, но и за тоа како локалната самоуправа придонесува во евроатлантската интеграција. -Високиот американски дипломат укажа дека Северна Македонија е голем билатерален партнер и извонреден сојузник во НАТО и потсети на стратешкиот дијалог што САД го имаа со Северна Македонија во јуни во Вашингтон. Поддршката што Република Северна Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер е од клучно значење за развојот на држава, се наведува во соопштението. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски е во 10-дневна посета на САД организирана од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија. Во Вашингтон Герасимовски е со колеги политичари од Хрватска, Унгарија, Кенија и Боцвана каде ги претставува политиките на државата. Во текот на вчерашниот ден Герасимовски учествуваше во предавањата каде главна тема беа медиумите и нивната улога во политиката. Предавањата ги одржа Јасмин Рајт, репортерка во Си-Ен-Ен задолжена за случувањата во Белата куќа, а предавања одржаа и локалните советници од општини во државите Мериленд и Вирџинија, кои по завршувањето на посетата во САД, ќе бидат применети во секојдневна работа на општината, стои во соопштението. вг/ац/

Остани поврзан