• вторник, 26 ноември 2024

Герасимовски за МИА: И во услови на пандемија до ДЗИС пријавени над 1000 патенти

Герасимовски за МИА: И во услови на пандемија до ДЗИС пријавени над 1000 патенти
Скопје, 25 април 2021 (МИА) - Светскиот ден на интелектуална сопственост - 26 април годинава во фокусот ги става малите и средни претпријатија. Директорот на Државниот завод за заштита на индустриската сопственост Горан Герасимовски во интервју за МИА вели дека заштитата на правата е многу важна и дека таа е еден вид основа за лансирање нов, иновативен производ или започнување бизнис, односно градење бренд. -Многу е важно да се напомене дека само доколку производот на компанијата е заштитен може да се добие битката против имитирањата и злоупотреба. Во спротивно, ризикот е навистина голем. Дополнително, со заштита на правата од индустриска сопственост се зајакнува позицијата на извозните пазари односно се олеснува пласманот на нови пазари преку лиценцирање, франшиза, заеднички вложувања, договори со други компани, вели Герасимовски. Потенцира дека и во време на пандемија и покрај вонредните услови на функционирање, Државниот завод за индустриска сопственост забележува добра реализација. Има, вели, сосема благ пад на пријавени патенти, што е сосема очекувано, но успеавме да го задржиме бројот над 1000, којшто првпат го постигнавме во 2017 година. Посочува дека според нивните анализи, поголем број патенти доаѓаат од физички лица, што значи дека им е потребна логистична, експертска и финансиска помош за реализација. -Секако, тоа не е дел од услугите на ДЗИС, но она што можеме да направиме е да ги насочиме и заеднички како земја да им дадеме ветер во грб на овие креативни умови, рече Герасимовски и додаде дека работат на подигнување на јавната свест, особено на младите, универзитетите, но и кон приватниот сектор – како целни групи од кои имаат највисоки очекувања во полето на иновациите. Утре се одбележува Светскиот ден на интелектуална сопственост. Годинава во фокусот се малите и средни претпријатија. Каков бенефит имаат тие од заштита на правата? Заштитата на права е многу важна, таа е еден вид на основа за лансирање нов, иновативен производ или започнување бизнис, односно градење бренд. Токму ова е и темата на годинешниот Светски ден на интелектуална сопственост, со особен фокус на малите и средни претпријатија. Многу е важно да се напомене дека само доколку производот на компанијата е заштитен може да се добие битката против имитирањата  и злоупотреба. Во спротивно, ризикот е навистина голем. Дополнително, со заштита на правата од индустриска сопственост се зајакнува позицијата на извозните пазари односно, се  олеснува пласманот на нови пазари преку лиценцирање, франшиза, заеднички вложувања, договори со други компании, итн. Веќе остваривме средби со дел од малите и средни претпријатија каде ја потенциравме важноста и значењето од патентираните идеи или пронајдоци. Подигнување на свеста за важноста на заштитата е поле на кое работиме интензивно последните години, преку комуникација со јавноста, но и преку градење нови партнерства. ДЗИС во следниот период ќе работи и на промоција на услугата пред-дијагноза за правата од индустриска сопственост. Ова е всушност активност за подигнување на свеста за правата од индустриска сопственост насочена кон малите и средни претпријатија со мало или никакво искуство во индустриската сопственост. Целта е да се промовира индустриската сопственост како алатка за развој на бизнисот, да се обезбеди анализа на статусот на индустриската сопственост на малите и средни претпријатија, да се потенцира вредноста на политиката за индустриската сопственост за компаниите, да се предвидат конкурентските предности генерирани и да се дадат препораки за дејствување и надлежностите потребни за нивно спроведување. Секоја година го одбележувате Светскиот ден на интелектуална сопственост, во чии рамки доделувате награда за патент на годината. Може ли да откриете кој е добитникот? Оваа година поради новите околности кои ги донесе ковид-пандемијата го изоставуваме традиционалниот јавен настан на кој секогаш ја доделуваме наградата „Патент на годината за 2020 година“. Сепак не ја прекинавме традицијата. Во многу мал круг на иноватори наградата ја доделивме на Димитрија Анѓелков од Кавадарци, кој со неговиот тим креираше таканаречена паметна респираторна машина. Се работи за лесна, мала и лесно пренослива направа, со која би можеле да се опремат и амбулатни возила. Изработена е претежно од пластични делови и е лесна за одржување. Она што е уникатно за овој респиратор и го прави различен од сите слични кои постојат во светот, е што користи погон на компримиран воздух, а не мотори. Амбу маските, кои медицинскиот персонал ги користи рачно, во респираторот се сместени во комора во која протекува компримиран воздух однадвор. Тој создава притисок и ја пумпа маската и обезбедува кислород за пациентот. Дополнително, истиот притисок кој ја турка амбу маската ќе се користи и за производство на кислород. Ангелков по прогласувањето на победниците на „Макинова 2020“ апелираше до сите ентузијасти, иноватори, инженери и техничари да му се придружат и да иновираат машина за производство на кислород. Изумите на Ангелков наоѓаат практична примена во борбата Ковид-19 и се пример за тоа како иновациите можат да понудат решенија кои се од големо значење на општеството. Машината за производство на кислород е надградба на респираторната машина. Двете заедно можат да ги обезбедат неопходната апаратура и за болниците и за амбулантните возила, бидејќи цената на чинење им е ниска, а се целосно функционални. Во рамки на одбележување на Светскиот ден на интелектуална сопственост исто така доделивме признанија на наши иноватори наградени на меѓународни манифестации. Тоа се Борис Десоски со иновацијата интелигентен стап и мрежа за ориентација на слепи лица, Мирко Узелац, креаторот на заштитна маска со двосмерна циркулација на воздухот и Михаил Арсовски со изумот брисач на фотоволтаични панели како независна дополнителна опрема. Дали иноваторите беа активни за време на кризата. Дали се бележи пад во доставените пријави за патенти? Драго ми е што Државниот завод за индустриска сопственост, и покрај вонредните услови на функционирање, забележува добра реализација изминатата година. Имаме сосема благ пад на пријавени патенти, што е сосема очекувано, но успеавме да го задржиме бројот над 1000, којшто првпат го постигнавме во 2017 година. И оваа година видовме навистина многу уникатни идеи. Тука би ги издвоил добитниците на награди во рамки на саемот Макинова, во кој се врбојува и Ангелков со респираторната машина. Меѓу другите иновации се вбројуваат систем за контрола на оддалеченост и одржување дистанца со користење ултра звучни сензори и пронајдок соларна лежалка. Посебно признание доби и производот мултифункционален уред за брза дезинфекција на големи простори, со чија помош се зголемува безбедноста на вработените во фабрики, конфекции и слични работни средини кадешто има повеќе луѓе. Дел од уредите кои ги спомнав всушност имаат двојна намена, односно се прилагодени да вршат функции кои ќе помогнат во борбата со вирусот. На пример уредот за одржување дистанца исто така им помага на лицата со попречен вид да навигираат во просторот, уредот за дезинфекција го прочистува воздухот и така натаму. Во суштина иноваторите се оние кои нудат решенија на проблемите со кои се соочуваме како општество, одговори на тешките прашања од кои зависи иднината и развојот. Токму затоа ја продолжуваме и зајакнуваме поддршката за иновации во земјата. Инаку, досега во ДЗИС имаме регистрирано вкупно 1562 домашни патенти, а бројот на странски патени кои влегуваат во државата е драстично поголем. Како да се поттикне развојот на иновации во Северна Македонија? Што е она што треба да го прават институциите? Како и секоја голема промена, мора да се почне од самите почетоци -  од образованието. Според мене,  потребно е да разбереме дека образованието во денешна доба се одвива во многу различен контекст од она низ што поминувале нашите генерации. Тоа значи дека сега речиси сите информации се лесно достапни, но младите мора да знаат како да ги процесираат и анализираат. Исто така мора да се поттикнат да размислуваат поразлично, креативно, да рушат бариери, бидејќи со вакво размислување навистина нема граници на она што може да се создаде. Дополнително,  потребно е повеќе практично искуство. На тој начин, подобро ќе ги разберат и општествените потреби, што ќе ги инспирира да размислуваат во насока на иновации кои ќе имаат практична примена. Понатаму, институционалната соработка е многу важна и ова е нешто што пробуваме да го воспоставиме. Според нашите анализи, поголем број патенти доаѓаат од физички лица, што значи дека им е потребна логистична, експертска и финансиска помош за реализација. Секако, тоа не е дел од услугите на ДЗИС, но она што можеме да направиме е да ги насочиме и заеднички како земја да им дадеме ветер во грб на овие креативни умови. Паралелно, работиме на подигнување на јавната свест, особено на младите, универзитетите, но и кон приватниот сектор – како целни групи од кои имаме највисоки очекувања во полето на иновациите. Сузи Котева Стоименова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан