• петок, 08 ноември 2024

Герапетритис во Њујорк за кандидатурата на Грција за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН

Герапетритис во Њујорк за кандидатурата на Грција за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН

Атина, 4 јуни 2024 (МИА) – Во рамките на промоцијата на грчката кандидатура за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2025-2026 година, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис е во посета на Њујорк, каде што ќе има контакти и настани во пресрет на гласањето в четврток, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчкото МНР, денеска Герапетритис ќе говори на настан организиран од Фондацијата „Конрад Аденауер“, на кој ќе ги претстави приоритетите на кандидатурата на Грција, додека пак утре ќе се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Дополнително, заедно со неговите колеги, министрите за надворешни работи на останатите земји-кандидати, Данска, Пакистан, Панама и Сомалија, ќе присуствува на заеднички настан на високо ниво во седиштето на ОН.

За четврток, закажано е гласањето за петте непостојани членки на Советот за безбедност, што ќе се одржи во салата на Генералното собрание на ОН, а на кое ќе присуствува шефот на грчката дипломатија. ср/сд/

Остани поврзан