• среда, 25 декември 2024

Геодетски експерти од Европа во Скопје: Mодерни техники и технологии за унапредување на дејноста (ДПЛ)

Геодетски експерти од Европа во Скопје: Mодерни техники и технологии за унапредување на дејноста (ДПЛ)
Скопје, 12 мај 2022 (МИА) - Претставници на 70 геодетски асоцијации и комори од повеќе европски држави се во Скопје по повод Генералното Собрание на Советот на геодети на Европа, чиј домаќин е Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, при Сојузот на стопански комори. Активностите денеска стартуваа со меѓународен семинар на тема „Нови технологии и добри практики во геодезијата“  на кој се разменуваат најдобрите европски практики за натамошен развој на геодетската професија, од која во државава нема невработен кадар. Никола Рибароски, претседател на Комората на геодетите, истакна дека примената на новите и модерни техники и технологии значително ја унапредува дејноста и ја зголемува ефикасноста на геодетското работење. -Но, сакаме да истакнеме дека потребно е да се создадат подобро деловно окружување во нашата земја за да може да се постигне одржливост на оваа професија. Предизвиците со кои се соочува приватниот геодетски сектор во секојдневното работење за жал нема да се надминат со предложените нови законски решенија. Настанот кој го организираме има и за функција да ги прикаже добри практики во работењето на приватниот геодетски сектор кои постојат во другите држави, а кои може да бидат пресликани и во нашата земја, рече Рибароски. Во Советот на геодети на Европа (CLGE) каде членуваат 41 држава, се обединети над 100 илјади геодети. Северна Македонија е полноправен член од 2011 година. -Најголема сила на Советот е всушност мрежата на сите колеги и пријатели од Европа. Домашните геодети од тука сега имаат можност да ги слушат најдобрите искуства од Европа, да ги применат во развојот на својата струка, изјави Владмир Крупа, претседател на Советот на геодети на Европа. Тој го поздрави фактот што во државава моментно нема невработени геодети, што, како што рече, значи дека струката и целото општество се на вистинскиот пат. Заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи посочи дека политиката на Владата во делот на градежното земјиште и урбанизмот е во насока на креирање нови законски решенија со кои сметаат дека ќе се олеснат постапките за работа на сите субјекти, вклучувајќи ја и геодетската дејност. -Агенцијата за катастар веќе е во фаза на изготвување на предлог законско решение со што се врши издвојување на геодетската дејност, надлежноста и организација на приватниот гоедетски сектор во посебен закон. Веруваме дека наскоро заеднички вие како стручна фела и ние како институционални органи ќе донесеме квалитетно законско решение за да го подигнеме квалитетот на работата на Геодетите.Тоа што за нас е важно е вашиот придонес во креирање на политиките во дејноста што ја застапувате. Верувам дека овој собир од домашни и меѓународи професионалци има за цел да понуди нови модели на работа, да ги зајакне капацитетите и ресурсите во вашата дејност за да обезбедат услови на континуитет на градежна експанзија во земјата, истакна Реџепи. Тој дополни дека Министерството за транспорт и врски е во фаза на донесување на нов закон за градење со кој на современ и стручен начин се уредува материјата на изградбата на градби преку која се стимулира просторниот и економскиот развој на државата. Комората го организира семинарот „Нови технологии и добри практики во геодезијата”, во соработка со Советот на геодети на Европа, Градежниот Факултет – Скопје и Сојузот на стопански комори. На семинарот, поделени во две сесии, свое излагање имаат светски реномирани производители на геодетска опрема и гео-систематски решенија, преку своите претставништва во нашата држава, како што се Leica, FARO, GDi и RUIDE, но и презентери од неколку европски држави, во чии земји е воспоставена добра геодетска практика. Советот на геодети на Европа е здружение кое ги претставува и промовира интересите на геодетската професија од приватниот и јавниот сектор, ширум Европа. Врши промовирање и размена на техничко, научно, образовно и организациско know-how знаење помеѓу членките, но и со сите други релевантни европски и меѓународни организации. лв/дма/      

Остани поврзан