• среда, 25 декември 2024

Генчовска: Бугарското МНР не добило никаков документ од Северна Македонија

Генчовска: Бугарското МНР не добило никаков документ од Северна Македонија
Софија, 15 април 2022 (МИА) - До бугарското Министерство за надворешни работи не е пристигнат никаков официјален документ, како што изјави министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна денеска шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска. - Билатералните разговори се одржаа на 10 февруари и се работеше на предлог-протокол, но за жал резултатите беа незадоволителни, изјави Генчовска по седницата на бугарското Народно собрание затворена за јавноста, на која таа говореше за позицијата на Бугарија во однос на земјава. Како што јави дописникот на МИА од Софија, по 40-минутната собраниска седница, Генчовска оцени дека е тешко да се каже оти има некаков напредок во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. - Бугарското Министерство за надворешни работи многу активно работи со надворешно-политичкиот тим на премиерот Кирил Петков, рече Генчовска, додавајќи дека има „сериозни разлики врз основа на националната позиција до која Министерството стриктно се придржува“. Таа беше децидна дека нема напредок по ниту една од другите четири точки од патоказот за спроведување на билатералниот Договор за соработка. - Од јануари потрошивме време за да се завршат многу работи, а најважно е отворањето на Уставот на Северна Македонија и вклучување на тамошните Бугари во Преамбулата, додаде шефицата на бугарската дипломатија. Според Генчовска, реално е да се очекува дека до крајот на француското претседавање со ЕУ, Скопје „нема да има време да го отвори и заврши овој процес“. Таа додаде дека доколку сите парламентарни партии во Бугарија сакаат барем нешто позитивно да се случи до крајот на француското претседателство, клучно е бугарскиот Парламент да даде јасен мандат за старт на преговорите на земјава со ЕУ. Претходно, денеска во одговор доставен до БГНЕС во врска со вчерашната изјава на Османи дека постои документ одобрен од македонска страна и се чека одговор од властите во Софија, бугарското МНР информира дека за време на состанок во февруари, Бугарија ја информирала земјава дека доставените предлози од македонска страна не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. - Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на министерствата се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на РСМ, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна, доставени на третиот круг експертски консултации одржани во 2021 година во Скопје. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, се наведува во одговорот на бугарското МНР. Министерството уште додава и дека „кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“. нк/сп/

Остани поврзан