• петок, 05 декември 2025

Гаскоњ ја напушти болницата

Гаскоњ ја напушти болницата

 

Лондон, 22 јули 2025 (МИА) – Еден од најдобрите англиски фудбалери на сите времиња, 58-годишниот Пол Гаскоњ, е отпуштен од болницата во која беше хоспитализиран минатиот викенд поради здравствени проблеми, соопшти денеска неговата менаџерска компанија.

„Пол доброволно се јави на одделот за инта помош во петокот поради проблеми со грлото кои ги имаше подолго време“, наведе агенцијата МНТ, додавајќи оти Гаскоњ „веќе е дома и се чувствува добро“.

Популарниот Газа беше пронајден во полусвесна состојба од неговиот пријател Стив минатиот петок во неговиот дом во крајбрежниот град Пул во Дорсет. Првично беше сместен на одделението за интензивна нега и ќе остане во болница уште неколку денови, но неговата состојба засега е стабилна.

Медиумските извештаи велат дека Гаскоњ бил вознемирен поради расправија со својот деловен партнер.

„Неколку денови претходно, додека шетавме низ Борнмут, Газа забележа група бездомници. Отиде до банкомат, подигна 500 фунти и почна да им дели банкноти од по 20 и 50 фунти. Тој е таков човек. Луѓето го сакаат, го запираат на патот. Деновиве добива многу пораки за поддршка“, рече неговиот пријател Стив.

По завршувањето на фудбалската кариера, Газа неколку пати беше на третман за лекување од алкохолизам.

Во кариерата настапуваше за Њукасл, Тотенхем и Лацио, а за репрезентацијата на Англија одигра 57 натпревари во периодот меѓу 1988 и 1998 година, постигнувајќи десет голови. ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан