• сабота, 23 ноември 2024

„Гардијан“: Поранешниот шеф на Мосад и се заканувал на главната обвинителка на МКС

„Гардијан“: Поранешниот шеф на Мосад и се заканувал на главната обвинителка на МКС

Лондон, 28 мај 2024 (МИА) – Поранешниот шеф на израелската разузнавачка агенција Мосад, Јоси Коен и се заканувал и ја заплашувал главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Фатоу Бенсуда со цел да спречи поведување на истрага за воените злосторства на Израел, објави денеска британскиот весник „Гардијан“.

Весникот повикувајќи се на неименувани претставници на МКС и Израел наведува дека Коен кој раководеше со Мосад од 2016 до 2021 година често имал „заканувачки“ разговори со Бенсуда, обидувајќи се да ја убеди да не го истражува Израел.

Три неименувани израелски извори тврдат дека Коен добил одобрение од „високо ниво“ да дејствува како „неофицијален гласник“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху и оти целта била да се компромитира Бенсуда или да се натера да ги исполни барањата на Израел.

„Гардијан“ наведува дека обвинувањата се дел од истрагата што весникот ќе ја објави заедно со израелско-палестинскиот магазин „+972 Магазин“ и медиумот на еврејски јазик „Локал кол“, „која ќе открие колку израелски разузнавачки агенции воделе тајна војна против МКС речиси десет години“.

Според извештајот Коен и Бенсуда првпат се сретнале во 2017 година на Конференцијата за безбедносна во Минхен. Следната средба била во 2018 година во Њујорк. Бенсуда требала да се сретне со тогашниот претседател на Демократска Република Конго, Џозеф Кабила, но на средбата бил и Коен, кој потоа неколку пати телефонски ја барал главната обвинителка на МКС.

Бенсуда во 2019 година била подготвена да поведе истрага против Израел, а до 2021 година таа имала три средби со Коен. На две од средбите Коен и се заканувал на Бенсуда и и покажал фотографија од нејзиниот сопруг.

Во извештајот се истакнува и дека Израел почнал кампања против Бенсуда, која наводно била координирана со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, кој и вовел визна забрана и санкции. Актуелниот американски претседател Џо Бајден, кога дојде на власт во јануари 2021 година, ги укина санкциите против Бенсуда.

„Гардијан“ побарал коментар од кабинетот на израелскиот премиер, од каде било оценето дека испратените прашања се „исполнети со лажни и неосновани наводи кои имаат за цел да и наштетат на државата Израел“. И Коен и Бенсуда не ги коментирале наводите на лондонскиот весник. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан